Мени

Се одржа тркалезна маса за употребата на нови технологии во образованието

Фокусот на дискусијата беше на е-учењето и развојот на алатки за учење и споделување образовни содржини на интернет. На настанот присуствуваа 30тина гости, а презентациите беа поделени во 4 блока говорници.

sokolimeriВо првиот блок свои презентации имаа Сокол Имери, раководител на одделот за е-учење во Министерството за образование и наука на Албанија, кој зборуваше за интеграцијата на информациски и комуникациски технологии во образованието, а Розалинда Стојова, раководител на одделение при Министерство за информатичко општество и администрација на Република Македонија, ги презентираше искуствата и практиките со е-учењето во Македонија.

Потоа, како претставници на академскиот кадар зборуваа Владимир Трајковиќ од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, УКИМ; Лејла Абази-Беџети од „Универзитет на Југоисточна Европа“, Тетово; и Зоран Здравев од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, кои ги презентираа искуствата од имплементација на е-учењето на нивните универзитети и високото образование воопшто.

trkalezna-masa-e-ucenje

За состојбите со е-учењето во основното образование зборуваа Марина Василева од основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; Влатко Бутлески, наставник и иницијатор на проектот Е-училиште; и Убавка Бутлеска која е педагог и иницијатор на проектот Е-педагог.

seadВо последниот блок говорници, Сеад Џигал и Ирина Шумадиева го претставија проектот за отворени образовни ресурси во Македонија, а зборуваа и за резултатите и искуствата од истиот. Последен говореше Никола Николовски, претставникот од Семос Едукација кој е центар за компјутерска обука во Македонија, кој зборуваше за концептот и придобивките од онлајн учењето за нивната организација.

Тркалезната маса беше затворена со заклучоците и препораките кои произлегоа од споделувањето на искуствата и практиките помеѓу двете земји.

На профилот на Метаморфозис на Слајдшер, можете да ги погледнете презентациите од говориниците. Албумот со фотографии од настанот, пак, можете да го погледнете на нашите профили на Фејсбук и Фликр.

Овој настан е дел од проектот „Градење на меѓународни најдобри практики за подобрување на е-учењето во Албанија“, кој го имплементира Центарот АЛТРИ од Албанија. Проектот е поддржан од програмата Исток-исток преку Фондацијата отворено општество Албанија.