Работилницата започна со воведниот говор на Слободан Вучковиќ од Републичкиот завод за информатика и интернет (РЗИИ) на Република Србија и Милорад Бјелетиќ од БОШ (Белградска отворена школа) Тие накусо го презентираа порталот www.euprava.gov.yu за кој повеќе се зборуваше во понатамошниот тек на работилницата (степенот на софистицираност на е-услугите оценети со истражувањето направено според методологијата на Европската комисија). 

Наташа Радовиќ од БОШ и Марија Кујачиќ од РЗИИ ги претставија целите на работилницата и планот за работа по што своја презентација за eSEE агендата и иницијативите за развој на е-управата, како и примери за добра пракса во рамките на eSEE иницијативата имаше г-а Маријана Видас Бубањ.

Првиот дел од работилницата заврши со кусата презентација на г-а Јелена Маниќ од CePIT (Центар за проучување на информатичката технологија) при БОШ, која зборуваше за е-власта во стратешките документи кои ги усвоила Владата на Република Србија (Стратегијата за развој на информатичко општество, eSEE агенда +, Стратегијата за реформа на државната управа и Стратегијата за приклучување на СЦГ кон ЕУ).

Потоа следеа презентациите на искуствата со е-услугите од соседните земји. Најнапред г. Сањин Бужо од Босна и Херцеговина ги презентираше е-услугите во нивната земја како и оценките за нивото на софистицираност на тие услуги. Потоа Мирза Мулешковиќ од Институтот за стратешки студии и прогнози од Подгорица (ISSP) зборуваше за состојбите со е-услугите во Црна Гора. Гоце Арменски ги претстави состојбите со е-услугите во Република Македонија и прикажа некои статистички податоци и оценки за нивото на софистицираност на услугите направено според методологијата на Европската комисија.

Работилницата продолжи со презентацијата на г-а Марија Кујачиќ од РЗИИ која зборуваше за иницијативите за развој на е-управа во Република Србија.

Последната сесија од работилницата беше наменета за подигање на нивото на софистицираност на е-услугите во Србија.

На работилницата како претставници од Македонија учествуваа Билјана Волческа од Дирекцијата за заштита на лични податоци, Гоце Арменски од Економски факултет – Скопје, Тони Пајдаков од Здружение на слепи – Велес и Ана Трповска од фондацијата Метаморфозис.

Сподели: