Code4MK настанот кој се одржа во Битола на 17.10.2016, во Тетово на 18.10.2016 и во Кичево на 19.10.2016 имаше за цел да ја одбележи Европската недела на кодирање и да ги доближи учениците од средните училишта побиску до технологијата, односно да можат да ги применат сите досега научени теории во пракса. Овој настан беше организиран од страна на Фондацијата Метаморфозис со поддршка од Гугл.
Учениците за првпат имаа можност да креираат веб страница и да програмираат чекор по чекор.
Во Битола, учениците од СОУ „Јосип Броз Тито“ научија дека за да креираш една веб страна, не треба да си професионалец во полето на информатичките технологии.
Во ова училиште каде што учат ученици од градот и околинатаа успеавме да допреме до 55 ученици кои понатаму покажаа интерес дека сакаат да учествуваат на натпревари за развивање веб страни и апликации.
Понатаму, во Тетово, на 18.10.2016 го посетивме ССОУ „Моша Пијаде“, каде што имавме прилика да ги запознаеме учениците со основите на програмирањето и со процесот на градење веб страница.
Запознавме и ученици кои воопшто немаа желба да научат нешто повеќе за технологиите, но сепак, на крајот на предавањето учениците беа повеќе заинтересирани за да ги зајакнат своите знаења.
Во Тетово имавме можност да обучиме 70 ученици.
Додека во Кичево, во ОСУ „Дрита“ не` пречекаа ученици од градот и околните села со кои имавме можност да размениме искуства како и да ги инспирираме да продолжат да ги развиваат нивните знаења и понатаму во областа на технологијата.
Еден од учениците кој ја следеше нашата обука потенцираше дека иако сака да стане лекар, тој сепак мора да биде „информатички писмен“ бидејќи во информатичката технологија ја гледа иднината на секоја професија. Во Кичево имавме можност да допреме до 40 ученици кои имаат мотив да продолжат да го надоградуваат знаењето и да се вклучат во натпревари за креирање веб и мобилни апликации.
За таа цел, Фондацијата Метаморфозис во соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа, наскоро ќе организираат натпревар односно хакатон и ќе им овозможат на учениците од Code4MK да го реализираат сонот и да се натпреваруваат во креирање мобилни апликации и решавање на конкретен општествен проблем.
Фондацијата Метаморфозис во континуитет им помага на младите да ги надоградат нивните знаења и вештини од областа на технологијата преку обуки, настани, семинари, вебинари како и натпревари на кои можат младите да ги истакнат знаењата. Исто така и учениците кои беа дел на Code4MK ќе имаат можност да бидат дел од сите настани кои ги организира Фондацијата Метаморфозис.
Сподели: