Денеска Фејсбук објави дека заедно со Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер ќе започне со работа на програма за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија. Покрај во земјава, Фејсбук започнува со работа на оваа програма и во други земји од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, додека веќе постоечката програма во Хрватска ќе биде проширена.
Како дел од борбата против дезинформациите на Фејсбук, компанијата остварува соработка со независни проверувачи на факти од трети страни ширум светот, кои ја прегледуваат и оценуваат точноста на содржините.
„Сите партнери на програмата се сертифицирани преку непартиска меѓународна мрежа за проверка на факти“, пишуваат од Фејсбук во своето соопштение.
Кога проверувачот на факти ја рангира веста како лажна, Фејсбук ја прикажува подолу во „Новости (News Feed)“, со што значително се намалува нејзиното понатамошно ширење. Ова спречува да се шири измамата и се намалува бројот на луѓе што ја гледаат веста. Страниците и домените што постојано споделуваат лажни вести, исто така, ќе имаат намален досег и ќе се отстрани нивната можност за заработка и рекламирање. Дополнително, кога објавата е одбележана како лажна, Фејсбук ги предупредува луѓето што ја гледаат или се обидуваат да ја споделат објавата дека е одбележана како таква.
„Среќни сме што ја започнавме нашата програма за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија со Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис. Борбата против лажните вести е одговорност што ја сфаќаме сериозно, затоа постојано работиме на начини да помогнеме да се запре ширењето на дезинформациите на нашата платформа“ вели Софи Ајерс, менаџер за стратешки развој на Фејсбук. Оваа програма е во согласност со тројната платформа за развој на софтвер апликации (three-part famework) на Фејсбук за подобрување на квалитетот и автентичноста на вестите во делот „Новости (News Feed)“, при што Фејсбук ги отстранува профилите и содржините што ги кршат нивните Стандарди на заедницата (Community standards) или политиките за рекламирање (ad policies), ја намалува дистрибуцијата на лажни вести и неавтентична содржина како што е кликбејт и ги информира луѓето давајќи им повеќе контекст на објавите што ги гледаат.
„Фејсбук е платформата преку која луѓето во нашата земја најчесто наоѓаат, примаат и консумираат информации. Во комбинација со нашите напори да ги поттикнеме читателите да размислуваат критички за кредибилитетот на медиумите и селективно да пристапат кон изворите на информации, веруваме дека партнерството со ФБ е најефикасниот начин за борба против ширењето на погрешни и лажни информации“, вели Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.
Фејсбук има преку 70 партнери за проверка на факти на повеќе од 50 јазици на глобално ниво и секојдневно инвестира во начини за понатамошно развивање на овие напори.
Сподели: