На 22 ноември 2023, на покана на НВО 35мм (Црна Гора), претставнички од Фондација Метаморфозис правеа онлајн пренос на знаења и добри практики за процесот на Партнерство за отворена власт во Северна Македонија, на колегите од граѓанскиот сектор во Црна Гора кои се дел од оперативното тело за Партнерство за отворена власт во Црна Гора. Во име на Фондација Метаморфозис на онлајн состанокот учествуваа Маријана Јанческа, специјалистка за поттикнување на отвореност и учество, Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка, и Мила Јосифовска Даниловска, програмска координаторка.
Извор: Исечок од состанокот
Од оваа година Фондацијата Метаморфозис стана новиот координатор на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт која претставува структура за координација на процесот на Партнерството за отворена власт во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите во рамките на ПОВ.
Во моментов, изработката на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2023-2026 е во тек, односно се работи на комуницирање на заложбите со институциите на извршната власт кои беа дадени како предлог преку работните групи.
Повеќе информации за овој процес може да се најдат на ПОВ Порталот – Портал за вклучување и работа со ПОВ инцијативата во РСМ (ovp.gov.mk), кој е изработен од Фондација Метаморфозис во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
Сподели: