На покана на Партнери за демократски промени Србија (Партнери Србија) и Транспарентност Србија, Фондација за интернет и општество Метаморфозис беше дел од конференцијата „Транспарентност на агендата: пристап до информации, борба против корупцијата и отвореност на судството“. Настанот се одржа на 27ми септември во просториите на Фондација Отворено општество Србија во Белград, и меѓу другото, беше наменет и за одбележување на меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер за социјална одговорност и човекови права онлајн во Фондација Метаморфозис, беше дел од првата панел дискусија посветена на значењето на транспарентноста во спречувањето и борбата против корупцијата, заедно со Немања Ненадиќ, програмски директор во Транспарентност Србија, Андрија Младеновиќ, проектен координатор во Центар за европска политика и Славољупка Павловиќ, в.д. Помошник генерален секретар во Канцеларијата на комесарот за информации од јавен карактер и заштита на лични податоци.

Главен фокус на панелот беше на новата Стратегија за борба против корупција во Србија, препораките на ГРЕКО поврзани со подобрување на правото на пристап до информации од јавен карактер, како и други стратешки документи и иницијативи поврзани со зајакнување на транспарентноста во работата на јавните власти во Србија. и Западен Балкан. За време на панелот беше претставено и регионалното истражување на Индексот на отвореност за состојбата на отвореноста на јавните институции во Србија и земјите од регионот.

Извор: Twitter објава, Партнери за демократски промени Србија

Како дел од ACTION SEE мрежата преку регионалниот Индекс за транспарентност, Фондација Метаморфозис со партнерите веќ 7 години по ред ги мониторираат извршните и законодавните власти во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Она што може да се заклучи е дека, гледано на регионално ниво, во последните 3 години нема некои поголеми системски постигнувања на ова поле, иако земјите од регионот се декларативно посветени кон унапредување на институционалната транспарентност. Една од причините за ова е и постојаната политичка нестабилност во регионот која влијае на развојот на политиките и културите на отвореност на властите. Наодите покажуваат дека не сите земји работат посветено на ова поле, особено не на сите нивоа на власт со тоа што владите постојано се покажуваат како поотворени за разлика од министерствата и органите во состав.

“Во последните неколку години, според Индексот на отвореност, владите на Република Северна Македонија и Црна Гора се позиционираат како најотворени помеѓу владите во регионот, по кои вообичаено следат владите на Босна и Херцеговина и Србија. Минатата година, од првото до четвртото место, разликата во процентот на исполнување на индикаторите за отвореност беше околу 30%, што е случај и годинава, така што можеме да заклучиме дека постојат значителни разлики меѓу земјите од Западен Балкан во овој поглед. ” – порача Јосифовска Даниловска, дополнувајќи дека позицијата на Владата на Северна Македонија се должи на одржувањето на стабилноста на веќе воспоставените добри практики, како и на падот на отвореноста на одредени влади од регионот поради различни политички процеси.

Според неа, во некои земји интеграцијата во Европската Унија е мотив да се биде што е можно потранспарентен и што е можно побрзо и поефективно да се исполнат очекувањата кои произлегуваат од предпристапниот процес, но дека тоа не е случај во сите земји. “Пандемијата исто така имаше големо влијание на отвореноста на институциите, особено на јавните набавки поврзани со пандемијата во кои граѓанскиот сектор детектираше многу проблеми и ризици од корупција. Во некои случаи, проценетите вредности на набавките беа многу повисоки од цените добиени на тендерите, имаше голема разлика во цените на истите производи купени во истиот временски период, а што е најинтересно, во рамки на тендерите за ковид се наоѓаа и производи кои не можат да се поврзат директно во врска со пандемијата.” – додаде таа.

Јосифовска Даниловска истакна дека во Северна Македонија голем предизвик беше делумното спроведување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, што меѓу другото е и последица на пандемијата која започна неколку месеци по нејзиниот почеток. Меѓу другото, оваа Стратегија беше означена од Европската комисија во нивниот извештај за 2019 година како еден од главните чекори напред за реформите во јавната администрација. Сепак, пандемијата не може да биде изговор за да не се промовира институционална отвореност, која сепак е дел од законски обврски и обврски кои произлегуваат од различни политики и процеси кои бараат практикување на активна транспарентност.

Соодветно на тоа, со цел поврзување и усогласување на веќе донесените политики кои директно или индиректно имаат за цел да ја подобрат транспарентноста на институциите, но и да се обезбедат нови насоки за подобрување на транспарентноста на институциите, Владата на Република Северна Македонија заедно со Фондацијата Метаморфозис создаде инклузивен процес во кој беше креирана Стратегијата за транспарентност на Владата со Акцискиот план (2023-2026), во насока на продолжување на позитивните практики на соработка и активна транспарентност воспоставени со претходната Стратегија, но и надградба на тие практики во согласност со актуелните трендови и локалната ситуација. Со креирањето на овој стратешки документ ќе се операционализираат и унапредат правилата за комуникација меѓу институциите и граѓаните и принципот на транспарентност.

Настанот беше затворен со панел дискусија за значењето на судската транспарентност за пристап до правдата и зајакнувањето на јавната доверба во судството.

Сподели: