Маријана Јанческа, како претставник на Фондација Метаморфозис, учествуваше на вториот регионален форум на граѓански организации од Западен Балкан. Средбата која се одржа од 12 до 14 септември 2023 година во Бар, Црна Гора, беше организирана од НДИ.

На оваа средба, Јанческа ја претстави ACTION SEE мрежата на граѓански организации од Западен Балкан.

ACTION SEE (Одговорност, технологија и мрежа за институционална отвореност во регионот на Југоисточна Европа) е мрежа на граѓански организации кои заеднички работат на промовирање и обезбедување одговорност и транспарентност на владата во регионот на Југоисточна Европа, зголемувајќи го потенцијалот за граѓански активизам и граѓанско учество, промовирање и заштита на човековите права и слободи на интернет и градење капацитети и интерес кај граѓанските организации и поединци во регионот за користење на технологијата во работата за промовирање на демократијата.

Проектот што се спроведуваше од септември 2022 до септември 2023 година, со поддршка на НДИ, значително ја зајакна мрежата ACTION SEE. Преку овој проект се зајакнаа напорите на вклучените граѓански организации за решавање и унапредување на прашањата за владеењето на правото и доброто владеење преку вмрежување, градење капацитети и застапување, со цел да се подобрат односите меѓу граѓанските организации, но и со јавните институции. Подобрените односи доведоа до градење коалиции, подобрување на јавниот ангажман и зголемени можности за граѓанските организации да влијаат врз креирањето политики.

Сподели: