Пред седумдесет и три години на денешен ден, 10 декември, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права. Од тогаш па сè до денес Членот 1 кој гласи „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“ претставува основа за развој на секое демократско општество.
Климатските промени, последиците од вирусната пандемија ковид-19 која трае веќе втора година, развојот на дигиталните технологии наметнаа бројни предизвици за зачувување на човековите права кои се под закана. Дискриминацијата и нееднаквоста се шират во сите сегменти од нашето секојдневие.
Стоејќи пред крстопатот на кој секој од нас треба го одбере вистинскиот пат, Фондацијата Метаморфозис, како и досега и понатаму ќе цели кон унапредувањето и засилувањето на човековите права, кон засилувањето и унапредувањето на демократијата. Основата на нашата работа и делување е уште посилно да се залагаме и да работиме на унапредување на слободата на мислење и изразување, запирање на дискриминацијата и заштитата на приватноста, како едни од најзначајните човекови права во дигиталната сфера и вон неа, како главни предуслови за благосостојба на секој поединец во општеството и предуслов за градење на здрава и развиена демократија.
Сметаме дека точните и проверени информации се неопходни за носење демократски одлуки засновани на наука и клучни за градење на довербата и еднаквоста.
Фондацијата Метаморфозис им го честита 10 Декември, Меѓународниот ден на човекови права на сите и ги повикува да ни се приклучат кон нивна промоција и засилување во своите средини.
Честит Меѓународен ден на човековите права.
Фондација Метаморфозис
Сподели: