Слика: Ванчо Џамбаски

Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис на денешниот панел „Преку институционална отвореност кон спречување на корупција”, како дел од „Отворен Форум за антикорупција“, го промовираше регионалниот Индекс на отвореност. Направена беше длабинска анализа на работата на извршната власт (Влада, министерствата и извршни органи), но дава и резиме на вкупните перформанси на институциите.

Истражувањето за Индексот е спроведено во периодот од март до јуни 2023 година.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири области: пристапност, транспарентност , интегритет и ефикасност.

Низ сите четири области се анализира еден заеднички домен – отворени податоци.

 

Клучни наоди од Индексот на отвореност:

– Од поединечното мерење на вкупно 36 институции, Министерството за одбрана (89,72%) е водечка институција во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа следи Владата (79,14%) и Министерството за внатрешни работи (78,9%).

– Најдолу на листата на отвореност во Северна Македонија се Министерството за политички систем и односи со заедниците (27,59%), Управата за финансиска полиција (37,08%) и Секретаријатот за европски прашања (38,89%).

– Осум министерства (земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, економија, правда, култура, локална самоуправа, транспорт и врски и политички систем и односи со заедниците) се под просекот на министерствата коишто исполнуваат 61,58% од индикаторите на отвореност.

– Вкупниот резултат на извршната власт достигнува највисока оцена од 60,44% во исполнувањето на индикаторите за транспарентност (јавна достапност на организациски информации, буџет и постапки за јавни набавки), а најниска оцена за ефикасност од 52,82 %.

– Споредено помеѓу групите институции (Влада, министерства и извршни органи), најотворена е Владата, која исполнува 79,14% од поставените критериуми за отвореност. Следуваат министерствата коишто исполнуваат 61,58 % од индикаторите, а потоа извршните органи кои имаат најнизок резултат според Индексот (54,04 % исполнетост).

Во поткатегоријата пристапност (мерен е степенот на спроведување во практика на правото на пристап до информации, како и квалитетот на механизмите за вклучување и консултации при процесите на креирање на политиките), извршната власт остварува средна оцена од 52,94%. На средната оцена влијаат ниското исполнување на индикаторите на пристапност од страна на министерствата (41,54 %) и од извршните органи (41,96 %), кои се под вкупната просечна оцена. За разлика од нив, Владата исполнува 75,31 % од индикаторите на пристапност.

– Анализирано од регионален аспект резултатот на Северна Македонија е многу добар, бидејќи четири години по ред во регионот Владата е на првото место со исполнување на индикаторите. Но, со оглед на тоа дека резултатот стагнира неколку години по ред, иако сме најнапред во поглед на изработени стратегиски документи во областа на транспарентноста и отвореноста, потребно е засилено темпо во нивната имплементација.

– Индексот на отвореност покажува дека Северна Македонија е прва земја во регионот која ја регулира политиката на отвореност преку посебен документ, Стратегија за транспарентност на Владата на Северна Македонија уште во 2019 година, а ја продолжи оваа практика и во 2022 година.

Препораки на краток рок:

  • Сите извршни органи да имаат посебен дел на интернет-страницата со цел да овозможат активна транспарентност и директна интеракција со јавноста.
  • Институциите да воведат внатрешни процедури што ќе ја унапредат транспарентноста, со воспоставени рокови и одговорни лица за споделување и ажурирање на информациите на интернет-страниците.
  • Институциите задолжително да објавуваат годишни програми и извештаи за нивната работа.
  • Владата треба да ги објави документите што се разгледуваат и дискутираат за време на седниците.
  • Процесите на креирањето политики треба да се испланираат однапред и затоа е потребно тие да бидат предвидливи, односно годишните планови за консултации на засегнатите страни треба да се објават на интернет-страниците.
  • Неопходно е да се воспостави контрола на квалитетот на јавните консултации.

Фокусот на институциите мора да биде кон проактивно објавување на сите документи во најотворениот достапен формат. Следствено, интернет-страниците треба да заземат централна позиција во сите политики за отвореност на институциите со цел да ги подобрат достапноста, како и квалитетот на информациите, податоците и услугите.

Повеќе детали од анализата и наодите од Индексот на отвореност можат да се најдат во прилог.

Публикацијата „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“ може да се погледне на овој линк: https://tinyurl.com/4kancejz

 

Сподели: