Во периодот 24-26 декември, 2014 година, во Босна, претставници од регионалната мрежа „ACTION SEE“ разговараа за понатамошните активности кои мрежата ќе ги спроведува. На тродневниот состанок присуствуваа претставници од четирите вклучени организации, од четири различни земји од Балканот: „Mетаморфозис” од Македонија, ЦДТ од Црна Гора, „Зошто не“ од Босна и Херцеговна и „ЦРТА” од Србија.

Тродневниот состанок започна со планирање на обуките кои ќе се одржат во текот на следната година во секоја земја од мрежата, во рамки на проектот Data Academy. Се дискутираше општо за обуките, агендата, улогите и курикулумот. Другите два дена, организациите разговараа за други проекти и прашања на кои ќе работат, како и подетално дискутираа за овогодишната POINT конференција, која ќе се одржи на пролет во Сараево.

Четирите организации од поранешните Југословенски републики ја формираат регионалната мрежа „ACTION SEE“ преку која заеднички ќе работат на промовирање и обезбедување на одговорност и транспарентност на властите во Југоисточна Европа. Организациите се залагаат за зголемување на соработката во областа на транспарентноста и одговорноста на властите од земјите на регионот, спроведувајќи заедничко набљудување, информирање на јавноста, соработка и заеднички дијалог за овие прашања.

Сподели: