Слободна култура / Отворени образовни ресурси / Друго
Квалитетно онлајн образование со користење на Отворени образовни ресурси
23.03.2020
Тимот на Отворени Образовни Ресурси во рамки на Фондацијата Метаморфозис од Скопје ги повикува сите наставнички, наставници, целиот наставен кадар, и стручните служби во училиштата на заедничка солидарност и акција. Квалитетното образование за сите ученици не смее да биде запоставено и во околностите во кои се наоѓаме денес. Преку користење, но и споделување на нашите образовни ресурси (лекции, вежби, презентации, итн.), се осигуруваме дека сите ученици добиваат слободно, бесплатно, но и квалитетно образование – без оглед на нивното место на живеење, социјален статус, или јазикот на наставата.
Во таа насока, веб страницата на Отворени образовни ресурси ќе остане слободна и бесплатна за користење, и ќе служи како локација каде наставниците и наставничките можат да отворат свој профил, прегледаат и преземат ресурси, но и да прикачат свои, соодветни лиценцирани, односно, отворени и бесплатни за користење во настава.
Фондацијата Метаморфозис останува на располагање за било какви прашања, технички предизвици, или повеќе информации во врска со активностите поврзани со ООР, на info@metamorphosis.org.mk , како и преку контакт-формата достапна на овој линк.