„Нејаснотии: Биометриски масовен надзор на Балканот“

„Freedom not Fear“ („Слобода наместо страв“) е иницијатива која ги поврзува граѓанските организации и индивидуите кои веруваат во идејата за дигитализација на светот, слобода на говорот наспроти цензура, приватност над надзор, слобода наместо страв. Оваа година во фокусот на „Freedom not Fear“ беше масовниот надзор на граѓаните преку користење на нивните биометриски податоци. Секое мониторирање, следење или друг вид на надзор кое се врши на вкупното население или на поголема група на граѓани, а не е насочено на одредена личност заради одредена цел е дискриминирачко и спротивно на прнципите за заштита на приватноста. Предизвикот е дотолку поголем кога при масовниот надзор се обработуваат биометриските лични податоци на граѓаните, односно, податоци поврзани со човековото тело или однсеување, од отпечаток на прст, дланка, препознавање на ликот, па се до глас, начин на движење и гестикулации.

Фондацијата Метаморфозис од Скопје и Фондацијата SHARE од Белград беа креатори на сесијата „Нејаснотии: Биометриски масовен надзор на Балканот“. Два града, Скопје и Белград се во различни фази од имплементација на проектот „Безбеден град“. И додeка Скопје чека на појаснување на целите и начинот на функционирање на камерите низ градот, Белград полека станува првиот град во Европа каде целата територија е под масовен биометриски надзор. И во двата случаи, граѓаните не знаат скоро ништо за импликациите од користењето на оваа технологија. Иако во различни фази од имплементација, двете земји се соочуваат со исти предизвици кога станува збор за оправданоста, целите и обемот на користењето на ваквите системи.

Во Скопје, проектот „Безбеден град“ за прв пат беше претставен во 2012 година кога беше најавено поставување на 100 камери на улиците, крстосниците, одредени мостови но и други стратешки места во градот Скопје, а чија цел би била безбедност во сообраќајот но и справување со други кривични дела. Денес во Скопје има над 650 камери, целта за користењето на системот која е обезбедена во Законот за заштита и безбедност во сообраќајот е двосмислена и остава простор за различни интерпретации, а одговорноста за системот е поделена помеѓу 4 институции со што се отвара низа на прашања поврзани со пристапот, чувањето и користењето на снимените материјали. Гледано од аспект на заштита на приватноста на граѓаните, Метаморфозис е на став дека транспарентната информација до граѓаните е нешто што во најкус рок треба да биде обезбедено од страна на институциите. Во оваа смисла, граѓаните задолжително треба да бидат запознаени со оправданоста на потребата за користење системот за масовен биометриски надзор, точните локации на камерите преку нивно експлицитно означување, што точно се следи со системот за надзор, на кој начин снимените материјали ќе бидат користени, кој се има пристап до снимените материјали и можеби најважно од се, која институција е крајно надлежна за раководење со системот.

Во Белград се инсталирани 8000 камери со што целата територија на градот е под биометриски масовен надзор, а сите информации поврзани со неговото функционирање се класифицирани, а со тоа недостапни за граѓаните. По жестоките реакции на граѓанскиот сектор, Министерството за внатрешни работи на Република Србија донело Правилник со кој се пропишуваат начинот на снимање и означувањето на камерите кои се дел од системот. Она што сепак останува нејасно е првичната проценка за потребата од користење на овој систем, неговата сигурност, пристапот до снимените материјали, бројот на камери и нивната цена. SHARE го дели истиот став со Метаморфозис во поглед на транспарентноста, односно, обезбедување на отворена и недвосмислена информација до граѓаните за целокупното функционирање на системот за масовен биометриски надзор.

На настанот се обрати и г. Војчек Виверовски, Европскиот супервизор за заштита на личните податоци кој ги охрабри граѓанските организации да продолжат да се борат против одлуките на замјите за воведување на системи за масовен биометриски надзор. Според Европскиот супервизор за заштита на личните податоци, средиштето на проблемот е во значењето на масовната обработка на биометриските податоци во нашите општества и како таа може да се одрази на постоечките разлики, дискриминација. Секоја земја треба сериозно да се запраша дали ваквиот начин на надзор одговара на нејзиниот концепт за демократија, слобода, еднаквост и социјална правда.

Сподели: