Во периодот 16-18 септември 2020 година се одржа седмата по ред PUBMET конференција на која се презентираа иновативни пристапи, добри практики и идни предизвици во комуникацијата и издаваштвото во отворената наука. На 18.09.2020 година, Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис беше организатор на сесијата за „Предизвиците во отвореното и онлајн образованието во Република Северна Македонија“.

Сесијата ја обмисли и ја модерираше г. Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис кој има долгогодишно искуство во областа на новите технологии, медиумите, граѓанскиот активизам и е-владеењето. Тој заедно со своите соговорници даде осврт за состојбите во научно истражувачката област, културните и психолошките аспекти на онлајн учењето и за предизвиците во онлајн наставата во основното образование. На сесијата зборуваа Зоран Јаневски, Економски институт – Скопје, Проф. Сеад Џигал, Меѓународен Балкански Универзитет – Скопје и Гоце Арсовски, Фондација за интернет и општество – Метаморфозис.

Проф. Зоран Јаневски – директор на Економскиот институт – Скопје истакна дека постојат бројни фактори кои го ограничуваат развојот на научно истражувачката област во Република Северна Македонија. Фактот што само 0.35 % од БДП е наменет за научни истражувања укажува на тоа дека потенцијалот за развој е исклучително мал. Дополнително, финансирањето на научните институти од страна на државата е ниско, човечките ресурси ограничени, а развојот на нови содржини и платформи за онлајн учење воопшто не е буџетиран. Исправени пред предизвикот сами да ги водат процесите и да се борат за финансиска стабилност, истражувачите ја губат волјата да ги направат бесплатно достапни резултатите од своите истражувања. Државата треба сериозно да направи реформи во оваа област, да работи на развивање на план за актуализација и дисеминација на истражувањата но и да ги поттикне институциите да креираат релевантни и квалитетни отворени податоци кои ќе бидат достапни за натамошно учење и истражување.

Искуството на Проф. Сеад Џигал – Меѓународен Балкански Универзитет – укажува на тоа дека најголем број од наставниците и доминантен број од студентите имале негативен пристап кон онлајн наставата. Како клучен фактор го издвојува стресот од нешто што е ново, а на кое ниту професорите ниту студентите биле подготвени. Друг фактор за градењето на негативен став кон онлајн учењето е старосната структура на професорите која е директно поврзана со недостатокот на ИТ вештини, особено заради тоа што не се во прашање само основни ИТ вештини туку и целосната подготовка на содржини и начин на нивно пренесување. Голем број од студентите, немаат соодветни средства со кои можат непречено да ја следат онлајн наставата, а оние кои ги поседуваат генерално ги разбираат како алатки кои ги користат за забава, а не и за учење. Предизвик е и задржувањето на вниманието на студентите, нивната концентрација е значително намалена после 20 минути од почетокот на часот. Според проф. Џигал, он лајн наставата треба да стане задолжителна во одреден број на часови и после завршувањето на пандемијата, а професорите треба да имаат регуларни тренинзи.

Гоце Арсовски – Метаморфозис, ги презентираше идентификуваните состојби од истражувањето „Состојбите и предизвиците за спроведување на онлајн настава во основните училишта“, спроведено во изминатите месеци со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија. Согласно добиените резултати, речиси половина од учесниците (44,5%) во училиштето, за службени потреби, користат сопствен лаптоп. 84,9% од наставниот кадар за службена комуникација користи приватни имејл адреси. Ова е проблематично од повеќе аспекти, особено од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица. Скоро една третина од наставниот кадар (31,6%) интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. За жал, има и локации каде што училиштата не нудат никаков интернет-пристап. Меѓу бројните препораки кои се однесуваат на подобрување на ИТ инфраструктурата, се и препораките за достапноста на образовните материјали за сите ученици, особено за учениците кои следат настава на јазиците на помалите заедници како и промовирање на користењето на отворените образовни ресурси како алтернатива на класичните учебници и наставни помагала.

* * *

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис преку програмата – Едукација за иновации се залага за постигнување на целите на Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската Комисија, зголемување на капацитетите на граѓанските организации, активистите, претприемачите, младинските организации и други заинтересирани групи компетентно да управуваат со своите начини на живеење што се тесно поврзани со интернет, како и со учеството во процесите на донесување одлуки и креирање на политики за проблемите од јавен интерес, преку употреба на иновативни дигитални алатки.

Сподели: