Во име на организациониот одбор, имаме чест да Ве поканиме да земете учество на Дванаесеттата меѓународна конференција е-Општество.Мк која оваа година е на тема „Проверката на факти и влијанието на новите технологии врз новинарството“. Конференцијата ќе се одржи на 31 јануари 2017 година во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, Македонија.

Kонференцијата е организирана во рамки на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија, компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Настанот ќе обезбеди простор за собирање на претставниците на институции и организации кои работат на развој на оваа област, овозможувајќи нивно вмрежување и споделување искуства за справување со медиумски манипулации со цел да се зголеми квалитетот и отчетноста на медиумската продукција преку промоција на новинарските стандарди и зголемено граѓанско учество.

Конференцијата ќе обезбеди платформа за дискусија на домашни и меѓународни експерти во врска со загрижувачкиот глобален тренд на зголемени медиумски манипулации како популистичка пропаганда и лажни вести објавувани во традиционалните медиуми чие влијание се засилува преку социјалните медиуми, како и да укажат на можни решенија.

Настанот ќе биде отворен и за јавноста и доколку сметате дека претставници на други институции или организации би биле заинтересирани, Ве поттикнуваме да им ја препратите поканата.

Ве молиме да го потврдите Вашето присуство и/или присуството на претставници на Вашата организација преку официјалниот веб-сајт на конференцијата: www.e-society.mk.

За дополнителни информации Ви стоиме на располагање и преку е-пошта (contact@e-society.org.mk) или на телефон 02/3109 325.

Сподели: