Фондација Метаморфозис организира настан „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“ кој ќе се одржи на 19 јуни 2024 година со почеток од 11 часот во сала Милениум II во Хотел Холидеј Ин, Скопје.

На настанот ќе бидат промовирани најновите резултати од мониторирањето на отвореноста на извршната власт изведена преку Индексот на отвореност на национално ниво, и ќе се споредат со резултатите од претходните години. Низ дискусија ќе се презентираат научените лекции и добрите практики преку кои може да се подобри транспарентноста на институциите.

На настанот ќе се дискутира и за Партнерството за отворена власт и ќе се претстават заложбите од шестиот Национален акциски план.

Сите заинтересирани за учество на настанот треба да се регистрираат на следниот линк.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири столба: (1) пристапност, (2) ефикасност, (3) интегритет и (4) транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири столба – отворени податоци.

Истражувањето е спроведено помеѓу февруари 2024 и мај 2024. Примерокот на таргетирани институции се состои од Генералниот Секретаријат на Владата, 16 министерства и 19 случајно избрани извршни органи во состав на министерствата. Методите на истражување се состојат од (1) следење на веб-страниците на таргетираните институции според низа индикатори, (2) прашалник доставен до институциите за да се потврдат наодите добиени од онлајн мониторингот, (3) испратено барање за пристап до информации од јавен карактер до секоја институција со намера да се процени степенот на исполнување на ова основно право од секоја од институциите, како и (4) проверка на законодавната рамка.

Истражувањето се повторува на годишно ниво и ни овозможува да го споредиме степенот до кој ќе се постапува според дадените препораки.

Настанот е дел од синергија помеѓу проектитите Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено Општество-Македонија, и проектот “Користење на новите медиуми за промовирање на владината транспарентност” кој го спроведува Фондација Метаморфозис како дел од партнерскиот конзорциум ACTION SEE со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија

Сподели: