Министерството за информатичко општество и администрација ја објави нацрт Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци 2018-2020, во чија подготовка учестуваа претставници на Фондацијата Метаморфозис.

Стратегијата за отворени податоци 2018-2020 ги дефинира стратешките цели со кои ќе се поттикне објавувањето и користењето на отворените податоци. Целта е да се зголеми транспарентноста и отчетноста на државните институции, да се подобри квалитетот на услугите кои тие ги нудат и во исто време да се поттикнат иновациите во рамките на јавниот сектор и надвор од него.

Стратегијата за отворени податоци има за цел да создаде динамичен еко-систем на отворени податоци во кој податоците се произведуваат, отвoраат, збогатуваат и повторно се користат од различни чинители од јавниот, приватниот, академскиот и граѓанскиот сектор. Тоа ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор и ќе придонесе за зголемување на учеството на граѓаните.

Исто така, на овој начин МИОА активно работи на борба против корупцијата и придонесува во создавањето на иновативна клима со нови економски можности за бизнис секторот.

Стратегијата за отворени податоци ќе се имплементира во периодот од 2018 до 2020 година. Акцискиот план за спроведување е составен дел на Стратегијата, и ги дефинира мерките и активностите, одговорните субјекти, временскиот период за реализација, потребните финансиски средства и изворот на финансирање, показателите за реализација и изворите за верификација на реализираното.

Изработката на Стратегијата е во рамките на проектот „Поддршка на процесот на реформи во јавната администрација“, финансиран од Британската амбасада во Скопје. Стратегијата се работеше во рамки на работна група со преставници од државни институции, граѓанскиот, приватниот и академскиот сектор, а ангажирани се и локални експерти. Во процесот на изработка на стратегијата за отворени податоци беше вклучен и реномиран меѓународен експерт од Велика Британија, г-дин Ендру Стот, како еден од пионерите во областа на отворени податоци.

МИОА ги повикува сите заинтересирани да испраќаат коментари најдоцна до 27ми јуни на следната адреса: gordana.dimitrovska@mioa.gov.mk

Сподели: