Учесници на обуките беа кандидатите кои се пријавија на огласот за пракса за пишување и уредување веб-содржини за Македонија, кој го објави Фондацијата Метаморфозис во месец август. Ова искуство им овозможува на кандидатите да стекнат вештини за уредување содржини на веб, можност за промоција на нивната работа онлајн, искуство во истражувачка работа и пишување, вклучување во други обуки и волонтерски активности, како и стекнување дополнителни технички вештини и социјални искуства како резултат на индивидуалната работа и работата во заедница.
Трите обуки ги посетија вкупно 17 кандидати од различни градови од Македонија, кои имаа можност да се запознаат со вики-софтверот и неговата употреба, како и да научат да уредуваат текст, да создаваат врски и да додаваат наводи, да уредуваат слики, мултимедија, табели, категории и страница за разговор. По овие 3 основни обуки, се одржа и обука за администратори на вики-сајтови, на која се зборуваше за уредување портали и администрација на содржини и корисници. На оваа обука присуствуваа 10 учесници кои претходно ја поминаа основната.
Учесниците на обуките беа од следните градови:
- Скопје
- Велес
- Струмица
- Куманово
- Кавадарци
- Гевгелија
- Македонски Брод
- Кичево
Обуките траеја 4 часа, а обучувачи беа претставници од Фондацијата Метаморфозис, додека администраторската обука ја одржа претставник од невладината организација Викимедија Македонија, кои воедно се соработници на Фондацијата Метаморфозис во овој проект. Учеството на обуките беше бесплатно и истите се одржаа во просториите на Метаморфозис, а на крајот сите добија примерок од прирачникот за Вики.
Целта на одржаните обуки, и праксата севкупно, е да се мотивираат младите да придонесуваат за збогатување на локалните содржини и подобрување на квалитетот на истите преку соработката која ја овозможува вики-платформата, како и јакнење на активното граѓанско учество преку употреба на новите технологии.
Очекувањата на учесниците беа да ги подобрат своите технички вештини, а во текот на обуката, преку индивидуална работа со секој, тие веднаш имаа можност практично да ги применат стекнатите знаења.
За време на обуките беа поттикнати и дискусии за размена на идеи, при што учесниците изразија интерес да пишуваат за разни полиња кои би придонеле за збогатување на содржините на градовите и општините од кои доаѓаат. Предложените теми опфаќаат: историја, култура, економија, образование, археологија, уметност, туризам, забавен живот, актуелности, музика, значајни ликови, локалитети, институции… Можностите за избор на теми се широки, со цел да се опфатат што е можно повеќе области и да се поттикне истражувачко-пишувачката работа.
По завршувањето на обуките се очекува продолжување на активностите и понатамошен развој, пред сè, преку градење вики-заедница и постојана комуникација преку мејлинг листа, употреба на други комуникациски алатки, но и со периодични средби со членовите, дискусии и соработка.
Целта на овие активности, пред сè, е да се поттикне збогатување на содржините за локалните вики-портали, што би водело кон создавање на регионални вики-портали, поврзување на општините, а најмногу од сè, промоција на регионалните можности и вредности, со што ќе се поттикне бизнис развојот, ќе се зголеми информираноста за можностите за вработување на луѓе од други средини, а ќе се промовираат и локалните културно-уметнички и други случувања.
Досега на wiki.mk постојат 3 портали, Скопје, Дебар и Велес, но со зголемување на содржините од локално значење се очекува да се креираат и портали за другите градови и нивно поврзување во регионални вики-портали во иднина.
Сподели: