На 31 мај 2022 во Скопје, се одржа конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис, а посветена на градење мулти-секторски пристап за решавање на проблемот со дезинформации преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.
Конференцијата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој изјави: „Филтрирањето на личните и спротивните мислења придонесуваат за вкоренување на одредени предрасуди и вредности со што се зголемува недовербата и се продлабочуваат поделбите во општеството“. Пендаровски во својот говор додаде дека дезинформациите имаат цел да создадат страв, а и најголемиот проблем кој го предизвикуваат дезинформациите е сè почестата појава на сомнежи во мислењето на науката и експертското знаење што ја доведува во прашање објективната вистина на глобално ниво.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Во своето воведно видео – обраќање премерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски се заложи дека Владата, а и тој лично, сите препораки од конференцијата ќе ги сметаат како суштински придонес во создавањето на мултисекторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Вукашин Петровиќ, раководител на програмата Фонд за пристап до информации, ДТ Институт, во своето обраќање во своето обраќање се осврна на руските влијанија во обидите за уништување на европските демократски вредности. „Без разлика како војната во Украина ќе заврши, Русија успеа да ја поткопа демократската агенда која требаше да се случи во следните децении“, рече Петровиќ.
Извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија, Фани Каранфилова Пановска рече дека дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката во сите држави од Западниот Балкан, и тоа без исклучок. Таа истакна дека ширењето на дезинформациите станува сè поголем ризик по безбедноста на државите и институциите, а со тоа и по безбедноста на граѓаните и нивната благосостојба. „Дезинформациите највирулентно напредуваат во средини кои веќе се разнишани од внатрешни конфликти и каде што општествената и јавната доверба се борат да ги премостат политичките, регионалните, етничките, верските или другите поделби“, рече Каранфилова Пановска.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари во своето обраќање рече дека кај нас уште од 2010 година кога медиумите, а и сите извори на информации беа контролирани, беше забележливо дека постојат тенденции за поткопување на демократското владеење. „Нашиот регион и нашата држава се многу плодна почва за теории на конспирации. Видовме дека мора многу да работиме за да создадеме критичка маса на луѓе кои имаат знаење да ги препознаваат некредибилните извори, пропагандата, лажните вести и да имаат вештини за критичко размислување за да овозможат на некој начин нашето општество да стане имуно на странските влијанија“, рече Јашари. Тој нагласи дека борбата против овие „бранови“ кои надоаѓаат, секогаш кога се случува некој важен политички процес, треба да се регулира во соработка со владините институции.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Настанот се состоеше од две работни сесии. На првата сесија говорниците ги претставија и дискутираа за резултатите од тековните истражувања за состојбите со цел подобро разбирање на контекстот. Говорници во првата сесија беа Катарина Синадиновска, претседател на УО, Совет за етика во медиумите – СЕММ, Ѓорѓи Митревски, истражувач, Андреја Стојковски, извршен директор Преспа институт, Росана Алексоска, менаџерка на проектот „Борба против лажни наративи“, Граѓанска асоцијација МОСТ, а сесијата ја модерираше Филип Стојановски, Директор за партнерство и развој на ресурси на Фондација „Метаморфозис“.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Говорниците на втората сесија – Maрјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи при Владата на РСМ, Драган Секуловски, извршен директор, Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ, Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, дискутираа за препораките и наредните чекори на различните општествени чинители со цел заедничко спротивставување на штетните влијанија насочени против развојот на демократијата и интегративните процеси. Сесијата ја модерираше Елида Зилбеари, уредничка на „Порталб“.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
На настанот претставени беа и препораки што Фондацијата „Метаморфозис“ ги предлага како основа за заедничка општествена акција за решавање на овој проблем, а добиени како резултат на истражувачкиот процес и анализата на податоците во рамките на активностите за борба против дезинформации. Препораките може да се преземат на следниов ЛИНК.
Конференцијата обезбеди платформа за дискусија меѓу чинителите кои работат на развој на демократијата преку борба против дезинформациите и унапредување на слободата на изразување, овозможувајќи нивно вмрежување и споделување искуства.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA 2.0
Учесниците се согласија дека постои потреба од широка општествена акција преку која сите засегнати страни во рамките на своите надлежности и компетенции, ќе може да даде придонес во решавањето на предизвиците предизвикани од странските антидемократски влијанија, спроведувањето на реформите кои се дел од процесот на интеграција во Европската Унија, како и недоразбирањата кои спречувале заедничка активност меѓу чинителите од земјата.
Како еден од првите чекори кон креирање таков пристап, претставникот на Владата на РСМ Марјан Забрчанец ја посочи иницијативата за креирање на Национална стратегија за справување со дезинформации, која произлезе од консултативниот процес кој доведе до конференцијата. Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски дополнителн истакна дека градењето јавни политики во оваа сфера треба да продолжи преку инклузивен процес заснован на широка јавна дебата преку која ќе се надминат различните видови предизвици.
Целата конференција може да се погледне подолу:
https://www.facebook.com/watch/live/?ref=external&v=1076663742933938
Сподели: