„Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис“ во дел од своите програми активно го застапува и го поддржува граѓанското ангажирање во барањето одговорност од институциите на национално и локално ниво.

Како дел од активностите кои во рамките на оваа програма, како дел од пошироката соработка во рамки на IFEX – глобалната мрежа за заштита и промоција на слободата на изразување, а во соработка со „Глобал војсис“ (Global Voices), „Метаморфозис“ организираше неформална јавна средба на тема – Модели за отчетност при следењето на комуникациите како интегрален дел од системот за национална безбедност на 24 септември 2019 г. во Скопје.

На средбата беа присутни претставници на „Глобал војсис“, граѓански организации, академската заедница, активисти и новинари.

Претставниците на „Глобал војсис“ како појдовна основа ги посочија искуствата од одделот на мрежата кој е фокусиран на застапување во одбрана на човековите права во дигиталната сфера (Global Voices Advocacy).

Извршниот директор на „Глобал војсис“ Иван Сигал посочи дека процесот на европски интеграции задолжително ја наметнува потребата за реформи во безбедносниот систем и целосно усогласување со Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR). Тој истакна дека многу од европските земји се чувствуваат комотни во следењето на комуникациите на граѓаните оправдувајќи се со задоволените ЕУ стандарди вклучени во нивните национални закони. Прашањата кои треба да си ги постави секоја земја која се стреми да ги задоволи ЕУ стандардите за безбедност и почитување на човековите права, се однесуваат на тоа колку граѓаните се свесни и запознаени за механизмите за следење на комуникациите? Колку институциите се подготвени да ги едуцираат граѓаните но и да бидат отчетни и отворени за активностите кои ги преземаат?

Претставниците на граѓанскиот сектор од Северна Македонија го делат ставот дека во напорот да се исполнат ЕУ стандардите, во законот за следење на комуникациите, но и во другите закони од областа на безбедноста се вклучени низа нови заштитни механизми, но исто така и многу исклучоци од примената на тие механизми. Отсуството на модел за отчетност на институциите е исто така проблематичен аспект кој го отвора прашањето за ефективноста на спроведувањето на законите.

Учесниците беа согласни дека вака поставените правни решенија го компромитираат квалитетот на самите закони, но и го ставаат под знак на прашање нивната ефективна примена. ЕУ ги одредува стандардите, но секоја земја одделно одлучува во каков процес ќе ги носи законите со кои овие стандарди треба да бидат исполнети. Еден пример е ставот на институциите дека треба да се надополни Законот за следење на комуникациите за да му се овозможат услови за целосно функционирање на Советот на граѓански надзор.

Александар Николов од НВО Зенит укажа дека низа методи на следење на интернет, кои може да ги применат властите покрај директното прислушување на телефонските линии, воопшто не се споменуваат во тековните законски решенија.

Од гледна точка на академската заедница, професорот Трпе Стојановски посочи дека постои неусогласеност на одредбите од Законот за следењето на комуникациите, Законот за оперативно техничка агенција и Законот за агенција за национална безбедност. Ниту еден од овие закони не обезбедува јасен модел за отчетност на институциите надлежни да ги спроведуваат што остава простор за нецелосна примена и градење на пракса која нема да донесе подобрување на состојбите. Во Северна Македонија не недостасуваат експерти од областа, туку политичка волја и отвореност на оние кои ги носат одлуките да ги слушнат и уважат мислењата на експертите.

На средбата се отвори и прашањето како би можел граѓанскиот сектор да придонесе за поголема отчетност на институциите кои се надлежни да ги спроведуваат законите од областа на националната безбедност. Главната уредничка на редакцијата за вести на „Глобал војсис“ Таиса Сганзериа го посочи примерот на носењето на Законот за граѓански права на интернет во Бразил во 2014 година. Овој закон беше донесен во исклучително отворен и инклузивен процес во кој граѓаните со помош на граѓанските организации имаа огромен удел. Процесот на носење на Законот за граѓанските права на интернет во Бразил претставува глобален пример за добри практики на вклучување на граѓаните.

 

Сподели: