Мени

Отворен повик за учество во Образовната програма заснована на проект „Како до успешни и ефикасни кампањи“ Водич за креирање позитивни наративи и ефикасни стратегии за комуникација

Ве покануваме да бидете дел од образовната програма на тема „Како до успешни и ефикасни кампањи – водич за креирање позитивни наративи и ефикасни стратегии за комуникација“ која ќе се одржи онлајн, на платформата Cisco WebEx, од 20 јануари до 3 февруари, 2021 година.

Предвидени се 3 сесии во следните датуми: 20.1, 27.1 и 3.2 од 16.00ч до 18.00ч.

Идејата која стои зад оваа програма е да се постави основа за прифаќање и користење на позитивниот наратив како генерален и предоминантен пристап во комуникацијата со целните групи. Преку позитивна комуникација да се инспирира поширок ангажман на заедниците за многу општествени прашања и да се постави основа за создавање отпорно демократско општество на кое дезинформациите нема да можат сериозно да повлијаат.

За време на програмата, учесниците ќе бидат охрабрени да дизајнираат свои реални кампањи базирани на позитивни наративи. Најдобрата идеја ќе добие средства за имплементација.

За кого е наменета оваа обука
Најголеми придобивки од оваа програма ќе имаат граѓанските организации, пред сè организациите кои работат со маргинализирани групи, како и граѓански активисти кои имаат потреба од поструктуирано, стратешко размислување при креирање на кампањи и активности.

Програмата ќе ја води АНА АНДРЕЕВА, комуникациски експерт со 20 годишно искуство во областите интегрирани стратешки комуникации и планирање, развој и позиционирање на бренд, бренд менаџмент, менаџмент на кампањи и настани, односи со јавност и медиуми. Во моментов таа е координаторка за комуникации во Фондацијата Отворено општество – Македонија и е одговорна за развој и имплементација на комуникациската стратегија на фондацијата, развој и имплементација на кампањи, креирање содржини за комуникациските канали на ФООМ и за односи со јавност и медиуми.

Работен јазик на програмата е македонски.

За информации врзани со програмата следете го линкот.