Според најновото истражување, Владата на Македонија покажа 75,61% отвореност и најдобри резултати во регионот и пораст од 23,27% во споредба со изминатиот период. Истражувањето е направено преку Индексот на отвореност, дизајниран според единствена Методологија за мониторинг која одговара на потребите и препораките за земјите од Западен Балкан.
Ова истражување за отвореноста, отчетноста и транспарентноста на институциите во Македонија и 5 држави во регионот е спроведено во периодот од декември 2017 – до крај на февруари 2018 година.
За разлика од ова, во првото истражување Владата беше на последно место со само 52,34% на отвореност во текот на 2016 година.
Индексот на отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на владите од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.
За да се измери степенот на институционалната отвореност се следеа меѓународните стандарди, препораки добиени од повеќе ЕУ извештаи за земјите од регионот, како и примери на добри практики. Институциите се оценуваа според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, и т.н.
– Резултатите од мерењето на отвореноста на институциите во рамките на проектот ACTION SEE покажуваат дека препораките од минатогодишниот извештај биле корисни за институциите и дека дел од нив се имплементирани. Тоа се гледа и од напредокот што го бележат сите држави опфатени со проектот во степенот на отвореност на институциите. Посебно ме радува што Македонија веќе не последна во регионот и дека имаме најотворена влада. Индексот на отвореност исто така покажува дека сме сепак далеку од нивото на земјите членки на ЕУ и дека преостанува уште многу работа за да го достигнеме тоа ниво. Нашата улога како НВО е да го следиме процесот, да дадеме препораки и да се вклучиме во надминувањето на предизвиците поврзани со отвореноста на државните институции – изјави Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и проект менаџер на проектот ACTION SEE.
Според Лилјана Пецова – Илиеска, проектен координатор на ACTION SEE, општата слика која ја добивме преку Индексот е дека всушност имаме одреден напредок во рамки на институциите, во делот на извршната власт, но и голем пад на степенот на отвореност во делот на судство, правосудните органи и локалната власт.
– Далеку сме од комплетен напредок по основ на отчетност и интегритет. Ние и понатаму ќе бараме од институциите континуирана имплементација на заложбите за транспарентност и важно е дека мониторингот ќе продолжи со трета фаза од декември 2018 до крај на февруари 2019 година. Следува период на презентација на резултатите кај сите засегнати страни и дистрибуирање на препораки за добро владеење, преку дефинирање на конкретни чекори што треба да ги преземат институциите – вели Пецова – Илиеска.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска се сретна со претставници на „Метаморфозис“, предводени од програмскиот директор Филип Стојановски и истакна дека Македонија настојува да биде лидер во транспарентност, отчетност и одговорност, не само во регионот, туку и многу пошироко.
Во однос на одделните принципи – институциите кај нас покажуваат добри резултати во објавувањето на информации од областа на слободен пристап до информации, делумно добри за информации за јавните набавки, а најмалку добри од областа на извештаи за работењето, евалуација на буџетската и финансиската транспарентност, следливост на стратешки документи, и т.н.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот ACTION SEE – одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, со поддршка од Европската Унија, кој го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“, заедно со други партнери од регионот.
Сподели: