Фондацијата Метаморфозис одржа презентација и дискусија на резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност – Собрание и извршна власт. Настанот се одржа на 13 септември на платформата Зум, и на него учествуваа бројни претставници од државните институциите, невладиниот сектор и академијата во земјава. Учесниците разменија мислења и ставови за отвореноста на македонските институции, но и предлози и идеи како таа да се подобри.

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска го отвори настанот и ја истакна транспарентноста како важен фактор во имплементирањето на успешни антикорупциски политики. Тааа потенцираше дека проактивноста на институциите овозможува граѓаните, граѓанските организации како и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, а со тоа и да вршат контрола во нивното работење.

Данче Даниловска Бајдевска и Нада Наумовска, авторки на Индексот на отвореност на извршно ниво, ги претставија резултатите што покажуваат дека и оваа година, како и минатата, најотворена е Владата на Северна Македонија која исполнува 82,71 % од поставените критериуми за отвореност. Резултатот е многу добар, бидејќи три години по ред во регионот Владата на Северна Македонија е на првото место со исполнување на индикаторите. Кога станува збор за министерствата, најдобри резултати, во просек, постигнуваат министерствата на Северна Македонија со 58,56 % исполнување на индикаторите за отвореност. Во другите земји, министерствата исполнуваат помалку од половина од поставените индикатори – во Црна Гора 48,17 %, Србија 46,82 %, Босна и Херцеговина 38,5 %.

Министерството за одбрана (81,88 %), Министерството за внатрешни работи (76,10 %), Министерство за образование и наука (71,81 %), Министерство за информатичко општество и администрација (71,06 %) и Министерството за финансии (71,06 %) се на првите 5 места на ранг-листата во однос на исполнувањето на индикаторите.

Проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.

На настанот се обрати и Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, кој ја истакна важноста на проактивната отвореност на институциите како предуслов за зголемување на довербата од граѓаните и нивното партиципативно учество во градењето на политики. Гордана Гапиќ Димитровска, Државен советник во Министерство за информатичко општество и администрација, истакна дека кога се зборува за отвореност и транспарентност, не зборуваме само за институциите, туку и за партнерствата на институциите со невладините организации кои многу придонесуваат на оваа тема. Таа ја потенцираше заложбата на МИОА за проактивна транспарентност и даде краток осврт на петтиот акциски план на Партнерството за отворена власт, како и дел од заложбите кои ги вклучува.

На настанот беше промовирана и Проценката на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2022 година. Проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во локалните самоуправи. Трудот дава длабинска анализа на работата на локалните самоуправи во Република Северна Македонија, но и препораки за подобрување.

Мемет Мемети, автор на проценката, ги претстави резултатите што укажуваат на тоа дека ЕЛС сè уште применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење. Просечниот резултат на единиците на локалната самоуправа според истражувањето за 2022 година изнесува 27 %. Ова претставува индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт во Република Северна Македонија. Највисока просечна оценка општините имаат за индикаторите во областа транспарентност 34 %, а најниска просечна оцена имаат во областа свесност 13 %, исто како и минатата година.

Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2022 година најдобри резултати имаат општините Валандово (62 %), Прилеп (59 %), Битола (57 %), Охрид (54 %), Кочани (52 %) како и Велес и Делчево, Демир Хисар и Крушево (50 %) и Василево (47 %), додека најниско се рангирани Долнени (9 %), Врапчиште (8 %), Карбинци (7 %), Бутел (6 %), Сопиште (5 %), Арачиново и Зелениково (3 %) и општина Кривогаштани со 0 %.

Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека и во 2022 година најотворени се општините во Југоисточниот Регион, со просечна отвореност од 35 %, додека најмалку отворени се општините во Скопскиот Регион со просечна отвореност од 20 %, наместо Полошкиот во 2021 година, кој сега ја има претпоследната позиција со 21 %.

Проценката на состојбата на добро владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност – Собрание и извршна власт – мерење за 2021 година е достапна на македонски, албански и англиски јазик.

Проценката на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2022 година е достапна на македонски и албански јазик.

Сподели: