Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, направи проценка на состојбата на доброто владеење во 17 единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2020 година. Проценката е резултат на спроведено истражување засновано врз Индексот на отвореност.
На 10 декември 2020 година се одржа он лајн настан за промоција на резултатите од мерењето на отвореноста на ЕЛС во 2020 година. На настанот учествуваа претставници на општините и граѓански организации кои дискутира за добрите практики и потребните мерки за подобрување на состојбата.
Индексот на отвореност ги проценува перформансите на локалната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири принципи: пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири принципи- отворени податоци. Истражувањето беше спроведено во соработка со 8 локални граѓански организации од земјава. Врз основа на направената проценка дадени се препораки за подобрување на работењето на општините во областите кои се опфатени со истражувањето.
Истражувањето за 2020 година на Индексот на отвореност покажа ниско ниво (40%) на исполнување на принципите на добро владеење од страна на ЕЛС. Потребни се значителни напори за поголемо вклучување и учество на граѓаните во процесот на носење на одлуки на локално ниво и зголемување на пристапот до информации како еден од начините за намалување на корупцијата. Најдобри резултати во мерењето за 2020 година покажа општина Охрид.
Целосната проценка на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2020 година преку Индексот на отвореност можете да го погледнете на следниот линк.
Во наредниот период Фондацијата Метаморфозис, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, ќе обезбеди поддршка за подобрување на отвореноста на 17-те општини кои беа опфатени со истражувањето во 2020 година. Во оваа насока, ќе бидат спроведени активности за унапредување на транспарентноста и отчетноста на општините, зголемување на бројот на објавени отворени податоци и поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуки на локално ниво.
Сподели: