Што се податоци и кои се изворите на податоци во Македонија, како се врши напредно пребарување на google, начини на чистење на податочни сетови, нивна верификација и анализа како и визуелна презентација – целиот процес на работа со податоци беше претставен пред учесниците на обуката за работа со податоци кој на 4 и 5 мај се одржа во просториите на Фондација Метаморфозис.
Десетина учесници, претставници на граѓанскиот сектор во Македонија, активно учествуваа на дводневната обука која вклучуваше и практична работа, односно секоја од групите идентификуваше, анализираше и презентираше податоци на одредена тема која е поврзана со отчетност и транспарентност.
Обуката се одржа во рамки на проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability (Анализа на податоци за транспарентност и отчетност) во кој посебен тим за визуелизации на податоци работи директно со новинари и активисти од граѓанскиот сектор.
Целта на проектот е да се влијае врз начинот на кој новинарите и граѓанските здруженија работат со податоци, односно преку новинарство базирано на податоци да се обезбеди целосно почитување на професионалните и етички стандарди, но и да се создаде додадена вредност преку иновативен начин на презентација на резултатите од анализата на податоците.
Проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability беше еден од трите проекти грантирани преку PeaceTech Exchange: Macedonia, настан кој се одржа на 13 и 14 декември 2017 година во Скопје. Станува збор за работилница за менторство организирана од страна на PeaceTech Lab и Democracy Lab.
Проектот е делумно поддржан и од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.
Сподели: