На 5 февруари 2007 година во просториите на Владата на РМ се одржа работна средба помеѓу г. Иво Ивановски, министер одговорен за развој на информатичко општество, и г. Бардил Јашари, директор на Фондацијата Метаморфозис, заедно со координаторот Филип Стојановски и раководителот за веб-проекти Јован Петров.

На средбата беа претставени активностите на Фондацијата Метаморфозис, особено тековните активности чија главна компонента е помошта при изградба на капацитетот на институциите на системот и подигање на јавната свест за значењето и полезноста од изградбата на информатичкото општество, меѓу кои работата на Националната стратегија за развој на информатичко општество, Националната стратегија за развој на електронски комуникации и информатичка технологија, Меѓународната конференција е-Општество.Мк и ИКТ компонентата на проектот за добро владеење на ФИООМ.

Министерот Ивановски изрази отвореност за соработка на полето во негова надлежност со сите општествени чинители, нагласувајќи дека заедничката работа на владиниот, невладиниот и деловниот сектор е неопходна за заеднички општествен напредок.

Во врска со проектот „Земја на информатичари“, министерот појасни дека наведувањето на софтверски системи од само еден производител во огласот било само за пример, и дека доколку на тендерот се јават понудувачи на обуки и за други системи, тие ќе бидат вклучени во проектот. Тој нагласи дека тендерот е деллив, оти една од основните насоки на Владата е што повеќе компании или организации да бидат вклучени во активностите, особено оние кои делуваат на локално ниво.