На настанот се собраа 10 учесници од различни  профили (дизајнери, програмери, истражувачи, студенти, правни експерти и претставници од организации кои работат во областа на културата). Повеќето од нив доаѓаа од организации членки на мрежата COMMUNIA, вклучувајќи го и Дарко Јаневски кој ја претставуваше Фондацијата Метаморфозис.

Настанот започна со интерактивна презентација на основните поими поврзани со авторските права и делата во јавниот домен. Во фокусот на преостанатиот дел од денот беше дискусијата на можностите за повторна употреба на делата во јавниот домен на нови интересни начини, дали како основа за корисни веб сервиси, во истражувањето и образованието, или во уметноста. Исто така, учесниците беа поделени во групи и работеа на изготвување на корисни информации кои се однесуваат на јавниот домен, кои се очекуваат да бидат објавени на веб-локациите на фондацијата Open Knowledge.

Денот на јавниот домен  (на  1-ви јануари секоја година) е иницијатива на COMMUNIA, Европската тематска мрежа за дигиталниот јавен домен, со посебна поддршка од Open Knowledge Фондацијата (Велика Британија) и Центарот за проучување на јавниот домен на Универзитетот Дјук (САД). Целта е да се подигне јавната свест во целиот свет за улогата на јавниот домен во нашите општества и да се обезбедат ресурси и информации.

Сподели: