На 22 декември Фондацијата Метаморфозис во рамките на проектот „Брз одговор на дезинформации за вакцините“ одржа вебинар за своите соработници-новинари и за партнерите и соработниците од медиумскиот и цивилниот сектор. Темата на вебинарот беше посветена на говорот на омраза во јавниот дискурс, медиумите и социјалните мрежи. Обучувачи на вебинарот беа Дејан Георгиевски од Центарот за развој на Медиумите (ЦРМ) и Петрит Сарачини од Цивил Медиа.

На настанот се дискутираа дефинициите за говор на омраза; правната основа и законодавството во земјата што се однесува на оваа проблематика, како и меѓународните акти на кои подлежи говорот на омраза. Покрај правната рамка се дебатираше и за нормативите кои се подготвени од самата медиумска заедница на тема говор на омраза и известувањето во вакви случаи.

Во натамошниот тек на вебинарот беа презентирани и случаи на говор на омраза кои се користеле во јавниот простор од страна на јавни личности, политичари и индивидуалци и за тоа како треба истите да се третираат при известување за настаните, случаите кога таквиот говор е употребен. Дополнително беа издвоени случаите во кои пандемијата со Ковид-19 е употребена за пропагандистички цели со изнесување на дезинформации, потпалувачки говор, стигматизација, поттикнување на нетрпеливост и пресметка со неистомислениците т.е оние кои се за и против вакцинацијата и мерките за претпазливост од зараза.

На дебатата, самите новинари ги споделуваа своите искуства при известувањата за настани и теми поврзани со пандемијата, вакцинацијата и самиот вирус Ковид-19, за искуствата на Советот за етика во медиумите при вакви случаи, заклучоците кои Советот ги донесувал при претставките кои ги решавал и сл. Особено внимание беше посветено на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи и за односот на новинарската и медиумската заедница за оваа појава како и за сите медиумски и етички предизвици врзани за темата говор на омраза во јавната сфера.

Сподели: