Личните податоци се важни за луѓето и за општеството, не само од аспект на нивна заштита како неделив дел од личноста на човекот и неговата приватност, туку и како начин за остварување на другите слободи и права, како и добивање пристап до најразлични услуги во општеството. На пример, матичниот број на граѓанинот се користи како основа за добивање социјална и здравствена заштита, користење услуги во банка, склучување договори, плаќање данок и друго. Како што напоменавме во еден од претходните текстови на тема заштита на личните податоци (текстот во целост може да го прочитате тука), преку дигитализација на општеството и сѐ поопширна глобализација на интернетот, се роди и пазарот за лични податоци. Односно, се појавија бизниси што тргуваат со лични податоци, на начин што купуваат милиони податоци за најразлични корисници, потоа меѓусебно ги поврзуваат со цел да се добие една целосна слика за корисникот (процес што се нарекува „профилирање“) и потоа ги продаваат на други бизниси што ги користат за маркетинг, стекнување нови клиенти, проширување на бизнисот и др. Така, нашиот „профил“ се користи за предлози за рекламите што ги гледаме, видеата што ги гледаме, музиката што ја слушаме, игрите што ги играме итн. Со текот на времето, повеќето држави донесоа модерни легислативи, со кои им се ограничи пристапот до секакви лични податоци на овие бизниси, а и начините на кои тие потоа ги користат.

Image by storyset on Freepik.

Секако, не сите учесници во оваа трговија ги користат личните податоци на легален начин. Другата страна на паричката кај трговијата со лични податоци е нивната злоупотреба. Односно, користење на личните податоци спротивно на законите заради стекнување некаква корист. Злоупотребата на личните податоци ја има во многу форми, почнувајќи од кражба на идентитетот, измами со кредитни картички, наведување (анг. „catfishing“), недозволено пристапување до кориснички профили и други.

Во денешно време, речиси сите ја имаме слушнато приказната за „Нигерискиот принц“ на еден или на друг начин. Во овој вид измама, добиваме порака на нашата е-адреса од личност што се претставува како богата (најчесто како „Нигериски принц“ од каде што и потекнува името), кој од нас бара да споделиме лични податоци какви што се нашите име и презиме, адреса, број на трансакциска сметка, а во некои случаи и да извршиме одредена трансакција, со цел да ни испрати голема сума пари. Секако, доколку се согласиме и ги споделиме нашите лични податоци или уплатиме пари по негово барање, „принцот“ ќе исчезне, а со него и парите што сме ги уплатиле како и податоците што сме ги споделиле, кои дополнително може да се искористат за да ни причинат уште поголема штета.

Друг вид измама е лажното претставување. Понекогаш се случува да добиеме е-порака или СМС од нашата банка или од јавна институција како што е УЈП, во која се бара да споделиме лични податоци какви што се нашиот матичен број, број на трансакциска сметка, или корисничко име и лозинка за нашите електронски профили кај овие институции. Но, доколку погледнеме повнимателно, може да видиме дека овие пораки доаѓаат од непознати лица што немаат никаква поврзаност со овие институции, туку пробуваат да ни изнудат доверливи информации, кои потоа можат да ги искористат за да ни причинат имотна штета.

Во одредени случаи, вакви измами доведуваат до ново ниво на опасност, кога жртви се лица чии лични податоци се поврзани со нивните работни места. Таков беше неодамнешниот случај во кој дојде до упад во системот на Фондот за здравство и доведе до замрзнување на работењето на Фондот, на штета на граѓаните.

Немаат сите злоупотреби цел да причинат имотна штета. Во случај на наведување (catfishing), некое лице користи информации и слики од друга личност за да започне разговор со жртвата и потоа да изнудува што повеќе лични податоци, доверливи информации или едноставно детали од приватниот живот на жртвата, со цел да ја повредат личноста, достоинството и репутацијата на жртвата.

Опасноста од злоупотреби на лични податоци не е ограничена само на интернетот. Со олеснетиот пристап до кредити, преку земање од таканаречени фирми за „брзо финансирање“, се случува одредени лица да подигнуваат парични средства користејќи туѓи лични податоци (преку користење документи за идентификација какви што се лична карта или пасош). Со тоа, обврската за враќање на кредитот како и каматата што се пресметува, се припишува на име на жртвата, без притоа тоа лице да биде свесно за оваа измама и за штетата што би ја претрпело (пример за ваков случај можете да погледнете тука).

Заштитата на личните податоци е важна и за државите, и за приватните бизниси и за граѓаните. Приоритет за државите во целиот свет е да донесат модерна, унифицирана легислатива, која ќе ги штити граѓаните, како во секојдневието така и на интернетот, но и да обезбедат почитување и извршување на оваа легислатива на светско ниво, со цел обезбедување на граѓаните во услови на глобализација. Извршувањето на оваа легислатива е многу важно при заштитата на лични податоци затоа што поединечните случаи на злоупотреба на лични податоци или измами со нив може да се одолжат во нивното решавање, сторителот никогаш да не се најде или постапките да се премногу скапи за граѓаните да си ги дозволат, особено доколку станува збор за меѓународни случаи на измама. Како што напоменавме во примерот за „Нигерискиот принц“, доколку наседнеме на оваа измама, за да се најде сторителот ќе биде потребна соработка помеѓу повеќе институции на меѓународно ниво и сепак не може да се гарантира дека истрагата ќе биде успешна, ниту дека изнудените средства ќе бидат вратени.

Понатаму, приватните бизниси се оние што располагаат со големи бази на лични податоци и од тие причини тие треба да водат сметка да работат во согласност со законите и да водат голема грижа за податоците на граѓаните. Какви било пропусти или злоупотреби на личните податоци со кои тие располагаат, може да доведат до штета што најпрво ќе го наруши угледот на овие бизниси, но исто така може да претрпат и парични казни.

Најпосле, заштитата на личните податоци започнува од граѓаните. Со тоа што ова право на заштита, односно контролата врз своите лични податоци е во рацете на граѓаните, тие секогаш треба да бидат информирани за нивните права, за нивните ограничувања, како и за штетата што може да се предизвика преку злоупотреба на нивните лични податоци. Понатаму, граѓаните треба да се секогаш информирани каде, кон кого и во која мера ги споделуваат своите лични податоци, затоа што не секогаш може да сме сигурни (без поопширно пребарување) каде може да завршат нашите податоци. Имајќи го тоа на ум, информираноста кај граѓаните и имањето свест за нивните лични податоци е најдобрата заштита од какви било злоупотреби или измами.

 

Автор: М-р Никола Димитров

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

 

Сподели: