По повод 30-ти ноември, „Меѓународниот ден за компјутерска безбедност”, Фондација Метаморфозисзаедно соАгенцијата за заштита на лични податоциофицијално ја промовирааа едукативна веб-страница од областа на заштита на лични податоци. Промоцијата се одвиваше онлајн преку ZOOM платформата на 29.11.2023 каде што 40тина заинтересирани граѓани успеаја да дознаат повеќе за оваа едукативна алатка и функционалностите што ги содржи.

Воведно обраќање на настанот имаа Елвис Али, програмски менаџер на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Емилија Гиноска, службено лице за посредување со информации и односи со јавноста во Агенцијата за заштита на лични податоци.

Елвис Али, програмски менаџер на Делегацијата на Европската Унија во Скопје во своето излагање се заблагодари на посветеноста на Фондација Метаморфозис за креирање на оваа алатка како и спроведување на активностите преку проектот Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење на инклузивен дигитален екосистем (ЕУ), како и вклученоста на Агенцијата за заштита на личните податоци во овој процес.

Емилија Гиноска, се обрати до присутните со порака за итно пријавување на нарушување на безбедноста на личните податоци и кажа дека бројот на известувања што ги добива Агенцијата е многу помал од бројот на такви случаи кои се случуваат реално. Како корисен ресурс за постапката за известување, Гиноска го наведе: Водичот за известување за нарушување на безбедноста на личните податоци што е достапен на веб-страницата на Агенцијата, како и на e-ucilnica.azlp.mk.

Свое обраќање имаше и Весна Радиновска, раководителка на проекти во Фондација Метаморфозис. Весна направи кратка презентација на веб-страницата нагласувајќи дека веб-страницата нуди ресурси и за граѓаните, и за компаниите, организациите и институциите кои обработуваат лични податоци; одговори на често поставувани прашања поврзани со заштита на личните податоци во различни животни ситуации; проверка на различни аспекти од системот за заштита на лични податоци и слично. Покрај ресурси, веб-страницата обезбедува и можност да го тестирате вашето знаење од областа на заштитата на личните податоци.

Оваа веб-страница е развиена од Фондација Метаморфозис, во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци, градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската унија, како интегрален дел од веб-страницата на Агенцијата за заштита на лични податоци. Истата е достапна на македонски и албански јазик преку следниот линк: https://e-ucilnica.azlp.mk/

 

 

Сподели: