Одговорот на прашањето „Дали телефонот те прислушува“ е „ДА“, но притоа со многу „НО“ во однос на ограничувањата кои ги имаат технолошките компании. Клучното нешто е колку ние како корисници водиме грижа за сајбер хигиената, потенцираа соговорниците на вечерашната дебата

Фото: Мета.мк

Дали телефонот нè прислушкува беше атрактивното прашање што привлече големо внимание и дискусија од десетици млади на вечерашниот прв „Сајбер шејк“ настан што се одржа во просториите на Netaville во Скопје. Одговорот на прашањето за „прислушувањето“ е „ДА“, а притоа имаше многу „НО“ во одговорите на говорниците: Бајрам Али, ИТ советник на Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, Анастас Мишев, професор на ФИНКИ при УКИМ, Елинда Стојанова Милошеска, лидер за дигитализација од А1 Македонија и Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Одговарајќи на прашањето како функционираат гласовните асистенти како „Сири“ и „Гугл Асистент“ и во кој момент почнуваат да го слушаат и препознаваат нашиот глас на телефоните, Бајрам Али рече дека сите имаме паметни телефони и при инсталирањето на одреден софтвер или сервис прифаќаме услови за користење на истите. За да ги активираме нив, неопходно е да постои „пасивно прислушување“, односно за да можат гласовните асистенти на телефоните да го препознаат нашиот глас.

Па така, неколку примероци од нашиот глас се земаат на почетокот при инсталирањето на гласовниот асистент „Сири“ и при прифаќањето на нивниот сервис. Кај „Гугл Асистент“, секој ден се собираат по 20 патерни од нашиот глас и пробуваат да го адаптираат него за потоа да можеме да испратиме гласовна наредба кон овој асистент. Сепак, компаниите Епл и Гугл се обврзани гласовите коишто ги собираат во функција на работење на гласовните асистенти да ги чуваат во нашите телефони, појасни Бајрам Али.

Тој дополни дека ваквиот начин на функционирање се дефинира како пасивно прислушување, има теоретски шанси тоа да се злоупотреби, но денес многу е помала веројатноста тоа да го направат Епл и Гугл во споредба со периодот пред 2018 и 2019 година кога се водеше голема дискусија по ова прашање. Али вели дека по ваквите дискусии, Епл и Гугл биле приморани да ги сменат алгоритмите од активно на пасивно прислушување за да може да функционираат гласовните асистенти. Денес, постои опција и комплетно да се исклучи пасивното прислушување од „Сири“.

На идентичното прашање за тоа какви податоци собираат технолошките гиганти од нас, одговори даде и професорот на ФИНКИ, Анастас Мишев. Тој истакна дека хардверот мора да биде активен за да може да се користи опцијата гласовен асистент на телефонот. Сепак, случаи на прислушување на овој начин, односно злоупотреби на микрофонот од страна на технолошките компании за активно прислушување, не се докажани.

Професорот на ФИНКИ, Анастас Мишев; Фото: Мета.мк

Големите компании, од типот на Епл или Амазон, тврдат дека податоците кои доаѓаат до нив од користењето на гласовните асистенти од наша страна не се поврзани со нашиот дигитален идентитет, туку ги добиваат во базите преку неидентификуван број за идентификација. Сепак, додава професорот Анастас Мишев, ова не важи и за случаите кога на нашиот телефон е инсталиран малициозен софтвер од трето лице.

„Образованието е еден од клучните фактори“, потенцира професорот Мишев во однос на разјаснувањето на ова прашање, додавајќи: „Сајбер безбедноста треба да биде тема уште во основното и средното образование“.

Не кликајте „Agree“ без да ги притоа да ги прочитате условите на користење

Елинда Стојанова Милошеска, лидер за дигитализација од А1 Македонија на прашањето „Дали и какви податоци најчесто собира паметниот телефон за тебе и како овие податоци се искористени од страна на технолошките компании?“, одговара дека нашите лични податоци веќе не се наши само поради тоа што нам така ни одговара, но прашањето е до кој степен ни одговара ова.

По инцидентот со Епл во 2019 година, се јавила паниката кај некои луѓе дека телефоните ги прислушуваат луѓето, а денес се шират стравови по социјалните мрежи дека телефонот ни ги чита мислите. Таа појаснува дека ова не е возможно.

„Самите ние како корисници го определуваме степенот користиме услуги на нашите телефони, како на пример од Гугл Мапс или употребуваме паметни уреди“, вели Елинда Стојанова Милошеска.

Професорот Анастас Мишев од ФИНКИ објаснува – каков вид податоци собираат технолошките компании зависи од самите нас. Прашањето е: На што сме се сложиле при кликањето на копчето „Agree“ пред да користиме одреден сервис. Условите за користење многу ретко ги читаме или разбираме.

„Најчесто ние сме одговорни за нашите податоци и ние сме се согласиле за користење на нашите податоци. Тоа го правиме за да имаме поголем комфор и пристап за да добиеме повеќе резултати во пребарувањето“, изјави Мишев.

Тој појасни дека ако сакаме на Гугл Мапс да ја пронајдеме најблиската аптека кога имаме болка во заб, тогаш тоа го правиме со споделување на нашата локација со Гугл. Ние сме се согласиле на ова.

Сепак, вели професорот Мишев, не е проблемот во однос на тоа што знаат технолошките компании за нас, туку дали собраните податоци од нив може да бидат предмет на злоупотреба вон нашата согласност која претходно сме им ја дале.

Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум (МОФ) говореше за етичкиот момент во собирањето податоци од технолошките компании. Технолошките компании ги земаат податоците за кои сме се согласиле да им ги дадеме и профилираат виртуелна личност од нас. Тие потоа ги структурираат собраните податоци и ги користат за што е можно поефективно пласирање на реклами до нас. Компаниите ги користат овие податоци за комерцијални и политички цели.

Претседателот на МОФ, Ристо Савески; Фото: Мета.мк

Проблематичниот дел доаѓа кај алгоритмите кои ги групираат податоците, односно кога собраните податоци од нас како корисници се злоупотребуваат за да нè манипулираат да купиме одреден производ или да следиме одредена кауза.

На пример, ако сум подесничарски ориентиран, потенцира Савески, алгоритмите гледаат да нè бомбардираат со вакви политички содржини. Тука настанува злоупотребата – со создавањето на информациски балон, при што јас веќе немам допирна точка со работите кои се поразлични од она во кое верувам или го купувам.

„На пример, ако сакам одреден пијалок, никогаш нема да добијам реклама за друг од алгоритмот. Јас се движам во кругот на мислења што ми ги пласира алгоритмот и не можам да ги слушнам луѓето кои размислуваат поинаку од мене. Тука е проблемот“, го појаснува Ристо Савески од МОФ во одговорот на прашањето за тоа дали податоците од „прислушувањето“ се користат и за персонализирани реклами и дали компаниите може да ги профилираат корисниците точно врз основа на нивната активност на телефоните.

За да се заштитиме од злоупотребите на алгоритмите, треба да внимаваме колкаво време поминуваме на социјалните мрежи во секојдневието. Понатаму, да ги исклучиме опциите дека сакаме да добиваме персонализирани реклами за да не влеземе во надуваниот информациски балон, да ги проверуваме информациите, да проверуваме исти вести од повеќе извори, за непристрасно самите да просудиме што е вистината за настанот што го следиме, вели Савески.

Младите прашуваа, а соговорниците одговараа на темите од интерес; Фото: Мета.мк

На прашањето за тоа дали компаниите ги профилираат корисниците врз основа на нивната активност на телефоните, Стојанова Милошеска од А1 Македонија е децидна:

„Големите компании може да таргетираат за она што ти е потребно, во зависност од тоа колку ти дозволуваш“.

Технолошките компании и алгоритмите што тие ги користат може да направат профил на личноста не само преку телефонот или преку социјалните мрежу, туку и преку локациите на коишто сме биле преку Гугл Мапс, сликите коишто ги праќаме и прикачуваме. Алгоритмот располага со многу податоци, кои веќе не се геолокациски ограничени, констатираше таа.

Плаќањето за услуга ослободува од реклами, но не и од собирање податоци

Претседателот на МОФ, Ристо Савески вели дека бесплатното користење на онлајн платформите или одредени сервиси е работа која треба да ја демистифицираме. Имаме две опции кои ни ги нудат компаниите – или да платиме однапред за определена услуга за да избегнеме таргетирање со реклами или бесплатно да ја користиме услугата, но да бидеме предмет на бомбардирање со реклами.

Професорот на ФИНКИ, Анастас Мишев појаснува дека „нема бесплатен ручек“, туку треба да бидеме внимателни и да имаме право на избор. Секој што рекламира дека нешто е бесплатно, за него треба да знаеме дека некој мора тоа да го плати. Тој вели дека студентите од неговиот факултет создаваат софтвер и во тоа е вложена вредност.

Според него, клучен момент е постоењето на доверба и оформувањето на законска рамка и нејзиното спроведување. Прво, мора да имаме доверба во тој со кој ги споделуваме податоците, вели професорот Мишев. Но, не помалку важно е и најмалата злоупотреба на податоците да се казни најстрого. Тој ја посочи злоупотребата на личните податоци од компанијата Мета, за што во последниот случај беше казнета со 1,2 милијарди евра.

Конечно, Бајрам Али, ИТ советник од МИОА, на настанот ја сподели важноста од континуираните обуки не само на младите, туку и на сите возрасни категории за дигиталната трансформација, како би можеле граѓаните да ги користат нејзините погодности, но и да бидат информирани за условите и начинот на користење од аспект на сајбер безбедноста.

На крајот, секој од соговорниците упати кратка порака до младите во однос на потребата од одржување на сајбер хигиена.

Па така, професорот Анастас Мишев, навидум на шега, ги праша присутните што е заедничко за вашите лозинки и вашата долна облека? Одговорот е: да се скриени – да не ги покажуваме јавно, да не ги споделуваме и често да ги менуваме. Ова се препораките до младите, рече тој.

Елинда Стојанова Милошеска од А1 Македонија им порача на младите да не го објавуват она не сакаат да биде објавено и да не бидат толку предвидливи ако не сакаат да бидат предвидливи.

Ристо Савески од МОФ им порача на младите дека интернетот и социјалните мрежи се направени за да имаат позитивна примена, па така тој порачува дека треба да внимаваме какви “колачиња” им оставаме на компаниите.

Бајрам Али во својата порака беше директно насочен кон младите студенти, напоменувајќи им дека очекува во иднина токму тие да иновираат друг начин на автентикација при нашето онлајн искуство, да не треба да пишуваме пасворди за да се вклучиме на платформи и апликации за да не може некој да ни ги злоупотребува.

Вечерашниот настан „Cyber Shake“ го организираше Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана oд организацијата IESC во партнерство со Младинскиот образовен форум – МОФ и CEED Hub Skopje.

Целата снимка од настанот „Cyber Shake“ може да ја погледнете на следниов линк:

Сподели: