Државни органи без интернет-страници, без социјални мрежи и со портпароли „на одмор“

фото: Glenn Carstens-Peters на Unsplash

Варира нивото на транспарентност и отчетност кое го достигнуваат државните институции во однос на комуникацијата со јавноста. Дел од македонските државни органи котираат високо на листата на отчетни институции, дури и се рангирани најдобро во регионот, а други се на самото дно на истата листа, речиси сосема недостапни за граѓаните. Додека едни имаат разработено цели стратегии за комуникација, други во дигиталната ера во која живееме немаат ниту интернет-страници за споделување на основни информации. Некои извршни органи не овозможуваат ниту пристап до информации од јавен карактер, што е спротивно на законот, а не одговараат ниту на новинарски прашања.

Отвореноста и транспарентноста на властите е едно од клучните прашања во реформите на јавните администрации и процесите на европска интеграција што ги водат земјите од Западен Балкан. Иако регионот формално работи на овие задачи што треба да нѐ доближат до Европската Унија, сепак, постои силна потреба од систематска регулација на политиките за отвореност и комуникација, што мора да бидат поставени на долгорочна основа за да може да имаат конкретни и трајни придобивки за заедниците и општеството.

Меѓу институциите од извршната власт во регионот, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 82,71 отсто од поставените критериуми за отвореност. Ова го покажува Проценката на доброто владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност во издание на фондацијата Метаморфозис, чија цел е објективно мерење на отвореното владеење на институциите во земјите од Западен Балкан.

Но, податоците собрани преку Индексот за регионална отвореност покажуваат дека отворените и транспарентни активности на институциите постојат само на индивидуално ниво и дека нема воспоставени долгорочни практики на однесување, односно ретки се примерите на институции што имаат воспоставено правила и процедури на јавно постапување.

Одредени информации за работата на владините органи не можат да се добијат дури и кога законот ги обврзува на тоа.

Владата е најдобро рангирана и помеѓу 50-те набљудувани институции во земјава и трета година по ред најотворена во регионот. Котирањето на врвот на листата на најотворени институции кореспондира со заложбите на македонската Влада да се насочи кон дигитализација на процесите по институциите со цел креирање ефикасни и ефективни системи на добро управување со згоелемена транспарентност и отчетност. Заложбите пак, меѓу другото, се резултат и на притисокот и условувањето на земјата од процесот на пристапување кон ЕУ, се нотира во Проценката.

Оваа година истражувањето преку Индексот на отворенот покажува дека вкипниот резултат на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и извршните органи, достигнува 60,93 отсто. Притоа, највисока оценка имаат индикаторите за транспарентност (55,65 отсто), додека најниска оценка имаат индикаторите за пристапност (51,09 отсто). Индикаторите за пристапност, всушност, го проценуваат степенот до кој правото на пристап до информации е гарантирано со закон и во практика, како и квалитетот на механизмите за вклучување и консултации при процесите на креирањето политики.

Како што се забележува во документот, најниската оцена за индикаторите за пристапност кај извршната власт, меѓу другото, се должи и на одложувањето на процесот на модернизација и изедначувањето на новите интернет-страници на министерствата и Владата со што би се обезбедиле нови дигитални и современи алатки за олеснување на проактивната транспарентност на секоја инситуција.

Дел од институциите немаат свои адреси во Интернет просторот

Ако сакате да добиете информации околу дозволите за пловидба во Охрид, веројатно ќе треба да се помачите за да најдете телефонски број каде ќе може да се обратите и да поставите прашање. Капетанијата на пристаништата, која ги уредува односите на учесниците во внатрешната езерска и речна пловидба, нема своја интернет-страница, а кога ќе го напишете нејзиното име во некој од интернет пребарувачите, првиот линк што ќе ви излезе ќе ве одведе до страницата на Министерството за транспорт и врски, во чиј состав се наоѓа и Капетанијата.

Меѓутоа, и на веб-страницата на Министерството за транспорт се наведени само имињата и електронските адреси на вработени во Капетанијата на пристаништата, без објаснување кој од нив на која работна позиција се наоѓа и без телефонски броеви до ниту едно одделение. Па така, ако ви треба информација околу дозволите за пловидба, ќе треба да испратите електронска пошта на некоја од адресите и да се надевате дека тој или таа е вработениот/а кој/а располага со потребната информација, но и да почекате за одговор во писмена форма.

Телефонскиот број на Капетанијата на крај веројатно ќе успеете да го најдете на Фејсбук профилот на овој орган, но и таму Капетанијата не е многу „расположена“ да објавува информации. Во текот на изминатава година, од септември лани па до денес, Капетанијата споделила само една објава на Фејсбук – во јануари, кога ги објавила термините за стекнување на звање „управувач на чамец“.

Капетанијата во Охрид е една од осумте меѓу набљудуваните 33 извршни органи во земјава кои немаат своја интернет-страница. Покрај овој орган, без сопствена страница на Интернет се и Службата за просторен и информативен систем, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Управата за семе и семенски материјал, Управата за водостопанство, Управата за заштита на растенијата, Управата за прашања за борците и воените инвалиди и Педагошката служба.

Со оглед дека интернет-страниците, легитимно, се главниот извор на информации за работата на институциите, а притоа се и алатка за најбрз, најлесен и најбезбеден пристап, извршните органи што немаат интернет-страници се најдолу на скалата на исполнувањето на индикаторите.

Дури и дел од оние институции и органи што имаат интернет-страници, не ги користат истите за да ја информираат јавноста за активности и теми од нивниот делокруг. Има примери на институции и органи што не ги ажурираат редовно своите страници со вести и актуелни настани, и тоа со месеци или дури и години, како и такви што даваат многу кратки или речиси никакви информации за нивната работа.

Инфографик: Интернет-страници на извршните органи / Мета.мк

Идејата веб-страниците на сите министерства и владини институции да се унифицираат и да станат подостапни за граѓаните, веројатно ќе почека, а како причина за забавениот процес во таа насока, институциите го наведуваат немањето пари.

„Идејата веб-страниците на државните институции да се унифицираат е нешто што треба да доведе не само до тоа сите информации на ист начин да бидат секаде достапни, туку сметаме дека со таа работа ќе успееме да го подигнеме општото ниво на транспрентност и достапност на информациите за сите институции. Овој процес е забавен поради економската и здравствената криза која ги пренасочи средствата кон друга страна“, истакна генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, на настанот на кој беше промовирана Проценката.

Сите прашања на една адреса

Службата за просторен информативен систем која е во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е на самото дно на листата на отвореност според процентот на исполнетост на индикаторите. На Интернет, информации за овој орган можете да најдете на веб-страницата на МЖСПП во категоријата „Контакт“, но таму е наведена само една контакт информација– онаа на директорот.

По само еден генерален контакт каде граѓаните можат да се обратат имаат и други извршни органи, како Геолошкиот завод, Управата за семе и саден материјал, Бирото за метрологија, Управата за заштита на растенијата, Управата за хидрометеоролошки работи и многу други. Ажурирани податоци за контакт на државните службеници, пак, недостасуваат кај две министерства – она за надворешни работи и она за политички систем и односи меѓу заедниците, како и кај 13 извршни органи.

И додека интернет-страниците на Владата и министерствата се оценети позитивно за редовноста на ажурирањето на нивните страници, дел од извршните органи стагнираат на ова поле.

Сите министерства, освен Министерството за здравство, ги објавуваат биографиите на министрите, додека кај извршните органи резултатот е послаб – само 15 ги објавуваат биографиите на нивните директори.

Мнозинството извршни органи, односно 70 отсто, ги објавуваат органограмите на институциите.

Понатаму, половина од министерствата објавиле годишни програми за работа, но истовремено, 43 отсто од министерствата не објавиле годишни извештаи за својата работа. Резултатот кај извршните органи е уште послаб –36 отсто од нив објавиле годишни програми, додека само 24 отсто објавиле годишни извештаи за имплементација на овие програми.

Информации за платите на министрите недостасуваат на веб-сајтовите на 13 министерства, иако е нејасно зошто ова не е сторено кога податоците се јавно достапни на интернет-страницата на Владата.

Собранието, како и многу извршни органи, на својата страница немаат објавено ниту упатства за поднесување на поплаки и жалби, ниту пак воспоставиле посебен канал за електронска петиција.

Комуникациски (ПР) стратегии имаат објавено три министерства – за одбрана, за внатрешни работи и за финансии. Своевремено, и Владата објави Комуникациска стратегија за периодот 2019-2020 година што, впрочем, придонесе до високата оцена на Владата според Индексот на отвореност. Владината Комуникациска стратегија од тогаш не е ажурирана, а на прашањето на Мета.мк дали и кога планира да ја ажурира, иронично, не добивме одговор.

Информации не се доставуваат, дури и кога законот го бара тоа

И Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер обезбедува доволна основа за унапредување на проактивната и реактивната транспарентност самостојно.

Со измените на овој закон од 2019 година се прошири и прецизираше листата на информации што имателите на информации треба проактивно да ги објавуваат на своите интернет-страници. Со цел барателите на информациите да имаат подобра прегледност, од имателите ќе се бара на своите сајтови, на едно место, да ја објават целата листа на информации и документите што согласно Законот се сметаат за информации од јавен карактер, вели Славица Грковска, заменичка на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење.

„Побаравме од сите иматели на информации од јавен карактер, вкупно 1.445, да направат листа на најчесто барани податоци согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Предмет на интерес се прашања од сите сфери, барателите се интересираат за јавни набавки, вработувања, начинот на исплата на плати. Наша цел е да ги селектираме најбараните информации и да ги задолжиме институциите да ги објавуваат редовно без претходно да има барање од граѓаните. Со тоа, од една страна, граѓаните ќе бидат благовремено информирани во секој момент, а од друга страна, ќе се подобри ефикасноста на институциите и нивно поефикансо функционирање во сите сегменти“, рече Грковска на настанот на кој беше презентирана Проценката.

Интернет-страницата на Владата во целост ги исполнува критериумите за остварување на правото за слободен пристап, но извештајот нотира сеопфатна слабост која се забележува кај сите институции од извршната власт, а тоа е токму неуспехот на своите интернет-страници да ги објавуваат одговорите со кои веќе обезбедиле пристап до информациите по поднесено барање.

Во документот се препорачува да се следат најдобрите меѓународни и регионални практики во однос на времето на чекање за одговор на хартиено барање за слободен пристап до информации, кое се движи меѓу 7 и 15 дена, и дека е потребно повторно да се интервенира во рокот предвиден во македонскиот закон, па од 20 дена, времето на чекање да се намали на најмногу 15 дена.

За да се процени времето на чекање по поднесено барање од таргетираните институции, фондацијата „Метаморфозис“ испрати барања за пристап до информации до сите 50 набљудувани институции, од кои навреме одговорија 46 отсто.

Четири министерства и седум извршни органи одговорија на барањата по законскиот рок, додека две министерства и седум извршни органи воопшто не одговорија на барањата за пристап до информации од јавен карактер.

Задоцнет одговор дале од министерствата за надворешни работи, за транспорт и врски, за здравство и за политички систем и односи меѓу заедниците, додека одговори на барањата воопшто не дале Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество и администрација.

Дел од органите, меѓу кои и Собранието, и понатаму немаат објавено контакти на лицата задолжени за правото на граѓаните да остварат пристап до информации од јавен карактер.

За одговор почекајте, портпаролот е на одмор

Друг проблем при барањето информации од институциите е и неодговарањето на прашања кои ги упатуваат новинарите, а кои бараат итни одговори. И искуствата на Новинската агенција Мета.мк покажуваат дека одговорите од институциите за некои прашања доцнат по неколку денови, а неретко, воопшто не ни стигнуваат.

Таков е примерот при нашата комуникација со Министерството за образование и наука, до кое изминатиов месец упативме прашања четири пати, за четири различни теми и настани, а одговор добивме само еднаш, но за да го добиеме и тој, покрај упатеното прашање на мејл, моравме телефонски да контактираме и со лицето задолжено за односи со јавност, како и со кабинетот на министерот Јетон Шаќири.

За прашањата за кои не се јавивме телефонски да потсетиме дека ги имаме упатено, одговор сѐ уште нема.

Во однос на неодговарањето на прашањата, меѓу другото, од институциите често како оправдување го даваат и отсуството на портпаролите или зголемениот број на работни обврски.

Но, работата не може и не смее да зависи од еден човек, смета комуникологот Бојан Кордалов. Според него, при комуникацијата на институциите со медиумите, а со тоа и со граѓаните, нерелевантно е прашањето дали портпаролот е на одмор.

„Точно дека секоја институција има лице задолжено за односи со јавност кое ќе ја остварува комуникацијата со медиумите, а дури и да нема портпарол, секоја институција формално има сектори во чија работа спаѓа и информирањето на оние што ги плаќаат институциите, а тоа се граѓаните и компаниите. И оттука, мора да се креира едноставен систем – медиумот ве прашува, вие давате одговори веднаш, во минути. Не во часови, денови или месеци, туку во минути“, вели Кордалов.

Како што вели комуникологот, денес граѓаните немаат време, трпение ниту желба да ги чекаат информациите, бидејќи сѐ им е достапно веднаш.

„За да нарачете нешто оналјн, потребна ви е една минута. За да видите што се случува во најоддалечената точка во светот, потребни ви се буквално секунди. Но, за да добиете информација од јавен карактер – на пример, колку пари се потрошени за некоја средба или дали ќе се гради некоја пречистителна станица и слично, вие понекогаш, како медиум, а со тоа и како граѓани, треба да чекате со недели. И тоа е несфатливо во дигиталната ера. Должни сте како одделение, како служба во рамките на институциите, да одоговорите веднаш“, додава Кордалов.

Некои државни органи немаат ниту социјални мрежи

За олеснување на комуникацијата и интеракцијата со јавноста придонесуваат и социјалните мрежи, и нивната улога во денешното глобално општество е неспорна, особено кога станува збор за размената на информациите, подигнувањето на јавната свест за прашањата од јавен интерес и запознавањето на граѓаните со активностите на институциите.

Сепак, во Проценката се забележуваат недостатоци кога станува збор и за онлајн каналите за брза комуникација.

Од 50 набљудувани централни институции согласно Индексот на отвореност, официјални канали на социјалната мрежа Фејсбук имаат 34 институции, додека профили на Твитер имаат само 11.

Ситуацијата на ниво на регион е уште полоша – дури 75 отсто од институцитие во регионот не користат Твитер за да ја информираат јавноста за својата работа, а 43 отсто не користат Фејсбук.

Инфографик: Официјални профили на македонските институции на социјалните мрежи / Мета.мк

Комуникологот Кордалов смета дека присуството на институциите на социјалните мрежи е неопходност, а не избор.

„Денес граѓаните не трчаат по информациите, туку информациите трчаат по нив – тоа е многу важно правило во дигиталната ера и е нешто што институциите мора да го научат, бидејќи тие се должни да бидат секаде каде што се граѓаните. Оттука, не мислам дека тие имаат право на избор каде ќе бидат, туку треба да бидат присутни буквално секаде, меѓу другото и од причина што бројките на тимови за односи со јавност и луѓето што ги имаат ангажирано во институциите многу често се покажуваат како преголеми. За да се оправда таа бројка, потребно е тие да бидат сервис на граѓаните, да ги даваат информациите на сите канали, особено дигиталните, заради тоа што тоа е основата зошто постојат институциите“, појаснува Кордалов.

Иако останува заклучокот дека полека се напушта практиката на употреба единствено на личните профили на функционерите како официјални на социјалните медиуми, сепак, таквите профили сѐ уште се побогати со информации за разлика од официјалните социјални канали на институциите. Главниот проблем со личните профили на функционерите е што тие престануваат да се користат како извори на информации и интеракција со соодветните институции веднаш штом мандатот на функционерот ќе заврши, па како такви овие профили не содржат долги мемории на случувањата во институциите.

На институциите им останува препораката да ги следат позитивните примери од регионот и од светот за да ја унапредат комуникацијата со јавноста и да станат подостапни за граѓаните. Во дигитално време во какво и живееме, достапноста и пристапноста кон институциите се клучни за непречена комуникација и меѓусебно разбирање на оние што се на власт и тие што ги избираат лидерите и очекуваат добро владеење.

Сподели:

36315
meta tim sliki-02.jpg

Гоше

Николов

Новинар

Останати блог текстови

Пари за портали во изборна кампања – не се знае кој пишува, ама се знае кој плаќа

07.11.2024

Во второто истражување ја објавуваме базата на податоци со сите 150 интернет портали кои добиле државни пари од парламентарните избори, заедно со податоците за тоа која коалиција дала пари на секој од нив поединечно Фото: Колаж, Мета.мк Од вкупно 150 интернет портали кои добиле државни пари за рекламирање на партиските коалиции за парламентарните избори во […]

Ниско присуство на жените во медиумското покривање на парламентарните избори

30.10.2024

Присутноста на жените и родовите прашања во медиумското известување и во платеното политичко рекламирање за време на овогодишните парламентарни избори беа темите дискутирани на панел-дискусијата водена од Билјана Бејкова и Татјана Богусевич, во рамки на конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“. Според најновото истражување на Фондација Метаморфозис, во коe беше спроведен мониторинг на […]

Истражување на Метаморфозис: Колку повеќе државни пари за порталите од една коалиција, толку помала непристрасност

30.10.2024

Распределбата на рекламните банери произлезе дека е политички мотивирана, и во одредени случаи партиите даваа предност на информативните интернет портали кои нудеа позитивно уредничко покривање на кампањата. Тоа укажува на стратешки пристап на партиите во насока на подобрување на нивната видливост и влијание врз јавната перцепција преку поволни медиумски написи, се вели во истражувањето на […]

„Пари, медиуми и избори“: Се бараат итни промени во Изборниот законик и надзор врз буџетските пари во порталите

30.10.2024

Итни промени во Изборниот законик пред локалните избори догодина, надзор и контрола врз онлајн порталите кои добиваат буџетски пари за рекламирање на политичките партии за изборите и укинување на платеното политичко рекламирање од буџетот на државата. Ова накратко беа клучните поенти и предлози на надлежните од Државниот завод за ревизија (ДЗР), Државната комисија за спречување […]

Истражувањето за дезинформациите и граѓанското општество ги потенцира големите демократски предизвици низ Европа

05.09.2024

TechSoup, преку својата програма за дигитален активизам, објави четири сеопфатни извештаи за регионално мапирање кои ги осветлуваат критичките предизвици и итните потреби на граѓанските организации низ Европа. Развиени со заеднички напори преку мрежата на партнери на TechSoup низ Централна и Источна Европа, овие извештаи обезбедуваат детален преглед на итните прашања со кои се соочуваат граѓанските […]

Наша летна препорака за читање

29.07.2024

Кога се работи за летно читање повеќето би избрале лесни забавни содржини, но за оние кои се заинтересрани за нешто подлабоко имаме одлична препорака. „Миражот на вистината: комплексности и предизвици на дезинформациите во Западен Балкан“ е совршена лектира за оние кои сакаат да дознаат повеќе за пејсажот на дезинформациите во регионот. Публикацијата опфаќа теми како: […]