Канцелариите на пратениците за комуникација со граѓаните затворени кога треба да работат
Граѓаните треба да ги бараат насекаде вработените во Канцелариите за контакт со граѓаните, кои се ангажирани на одредено работно време, за да обезбедат комуникација меѓу пратениците и граѓаните. Порталб.мк посети 4 канцеларии на различни локации, и тоа во Тетово, Чаир, Карпош и Шуто Оризари за да се види одблиску како функционираат. Според она што го видовме на терен, наведените канцеларии не го почитуваат работното време, додека дел од нив не одговараат ниту на телефонските повици. Граѓаните тешко контактираат со претставниците на пратениците, кои би требало да ги слушнат нивните проблеми и потреби, за да потоа ги достават до Собранието за да се изнајде конкретно решение.
Како функционираат?
Канцелариите треба да бидат отворени за сите прашања, предлози и иницијативи кои произлегуваат од граѓаните и се во надлежност на пратениците на РСМ. Со измените на Законот за Собранието од 2010 година, работата на овие канцеларии со граѓаните е дел од законските обврски на секој пратеник во Собранието.
Функционирањето на овие канцеларии е регулирано според член 36 од Законот на Собранието, според кој Собранието, во соработка со единиците на локалната самоуправа, обезбедува соодветни услови за остварување на контактите на пратеникот со граѓаните во неговата изборна единица.
„(2) Секој последен ден во работната недела (петок) се определува како ден за контакти на пратениците со граѓаните и избирачите во изборните единици. (3), Собранието во денот определен во ставот (2) од овој член по правило не одржува пленарни седници, седници на работни тела и активности на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави, освен во итни и неодложни ситуации. “, се вели во став 2 и 3 од член 36.
Средствата за остварување на контактите на пратениците со граѓаните се обезбедуваат со средства на Буџетот на Собранието на РСМ, за што акт донесува Буџетскиот совет на Собранието.
На веб-страницата на Собранието е објавена интерактивна мапа, во која се прикажани 34 локации, со податоците за соодветните канцеларии. Во описот на канцеларијата се дадени информации за името на партијата, пратеникот, лицето за контакт, телефонот, работното време и адресата. Според нашата проверка, сите канцеларии имаат описи со целосни податоци.

Сепак, експертите оценуваат дека нема квалитативни и квантитативни извештаи за ефектите од овие средби.
„Пратениците се должни секој последен ден од работната неделата да бидат во контакт со својот електорат, преку физичко присуство и пристап до единицата на локалната самоуправа од која се избрани во пратеничката функција. Достапни се и информации за контактите и локациите на локалните канцеларии за контакт со граѓаните, но нема квалитативен или квантитативен извештај за ефектите од овие средби. Извештајот „Мојот пратеник“ треба да содржи и информации за бројот на средби што пратеникот ги имал преку канцеларијата за контакт со граѓаните, прашањата што граѓаните им ги поставувале и дали е преземена некаква активност во врска со проблемите што граѓаните ги поставиле до нивниот пратеник“ – се вели во публикацијата на „Метаморфозис“, врз основа на резултатите од 2021 година, Проценка на доброто владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност“, која што препорачува Собранието да ја подобри комуникацијата со граѓаните и да ја зголеми довербата во оваа институција.
Канцелариите во работно време – затворени!
• Тетово
На 19 септември по 13 часот, новинарот на Порталб.мк ја посети канцеларијата во Тетово, но таа беше затворена. Новинарот ја контактирал вработената и таа посочила дека од лични причини заминала од работа малку порано, но дека канцеларијата е отворена секој работен ден од 9 до 14 часот.
Новинарот ја посетил канцеларијата повторно утредента, поточно на 20 септември околу 9:30 часот, и овој пат вработената била во канцеларија.

Според вработената, граѓаните најчесто доаѓаат за вработување, но често се случува да дојдат и да прашуваат за работи кои не се во нивна надлежност, односно за разни општински прашања.
„Канцеларијата за комуникација со граѓаните е отворена од 9 до 14 часот. Се наоѓаме во објект на општината и често граѓаните доаѓаат да прашаат за општински прашања. Главно граѓаните доаѓаат за вработување, имаат проблеми со урбанизмот, екологијата и јас ги упатувам каде треба да одат. Дневно доаѓаат по 2-3 граѓани. Водиме евиденција, секој месец поднесуваме извештај до Собранието. Така што кога ќе дојдат граѓаните, без разлика кој е нивниот проблем, ние доставуваме извештај“, изјави вработената за Порталб.мк.

• Чаир
На 21 септември, од 9:30 до 10 часот новинарот на Порталб.мк ја посети канцеларијата, која што е лоцирана во објектот на Општина Чаир. Пред канцеларијата немаше информативна табла дека соодветната канцеларија е за контакт на граѓаните со пратеникот.
Двете ангажирани лица кои треба да бидат во оваа канцеларија од 9 до 13 часот, односно 14 часот, не беа таму.

Порталб.мк се обиде да ги контактира преку телефонскиот број. Едниот воопшто не одговори на телефонскиот повик, а другиот рече дека таму не е вработен од месец март, туку работи во друга институција, а Собранието ги нема избришано неговите податоци од веб-страницата. На негово место имаше вработен од друг политички субјект, но на веб-страницата на Собранието немаше официјална информација за него и не успеавме да најдеме контакт.
Дел од вработените во општина Чаир во неформален разговор со новинарот на Порталб.мк велат дека канцеларијата не работи редовно и не знаат што се случува со оваа канцеларија.
• Карпош
Тимот на Порталб.мк беше во оваа канцеларија на 21 септември околу 10:30 часот.

И покрај фактот дека оваа канцеларија треба да биде отворена во тој момент, нејзините врати беа затворени.
Дополнителен проблем на оваа канцеларија е нејзината местоположба, односно се наоѓа на надвозник, каде што не работат лифтовите. Така што таа е непристапна за луѓе со посебни потреби.
Порталб.мк контактираше со вработениот кој требаше да биде во канцеларија од 9 часот, но тој не одговори на телефонскиот повик веднаш. По околу 20-тина минути вработениот се јави по телефон на новинарот на Порталб и рече дека 2 дена нема да биде во канцеларија затоа што ќе учествува на седница на Советот на општината.
• Шуто Оризари
На 21 септември околу 12:30 часот екипата на Порталб.мк беше во Општина Шуто Оризари, за да види како функционира канцеларијата која треба да работи од 9 до 14 часот.

Дел од вработените во општина Шуто Оризари, рекоа дека Канцеларијата е сместена во просториите на општината, но не му дозволија на новинарот на Порталб.мк да ја фотографира.
Во неформален разговор со дел од вработените во Општината, тие посочија дека немаат контакт со одговорното лице од Канцеларијата и не знаат каде е и кога доаѓа, бидејќи не го виделе неколку седмици.
Порталб.мк се обиде да го контактира преку телефонскиот број кој што е објавен на веб-страницата на Собранието, но телефонот на вработениот беше исклучен.
Собранието со статистика за резултатот на канцелариите за комуникација пратеник-граѓанин
„Собранието континуирано подготвува и презема чекори во соработка со единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) и Владата на Северна Македонија за обезбедување просторни услови за отворање и на преостанатите канцеларии во согласност со законот“, велат за Порталб.мк од Собранието на РСМ.
Според податоците на Собранието, од 75 одобрени канцеларии, во периодот од 2018 до 2020 година, отворени се 46 канцеларии, додека во актуелниот парламентарен состав (2020-2024) до 1 септември ова година отворени се 49 канцеларии.
Податоците што ни ги достави Собранието покажуваат дека од 2018 година до септември 2022 година, во сите канцеларии во земјата се регистрирани над 16.000 посети, 5.000 случаи се решени, биле доставени 460 прашања за пратениците, во Собранието се покренати 146 граѓански иницијативи и регистрирани се 3.603 настани за вклучување на граѓаните.
Од Собранието не го образложија начинот на вградување на предлозите во одлуките на Собранието.
Локациите на 49-те канцеларии кои се отворени до септември 2022 година се наоѓаат во општините: Тетово, Ресен, Аеродром, Гостивар, Кочани, Охрид, Штип, Радовиш, Прилеп, Неготино, Велес, Кавадарци, Шуто Оризари, Демир Хисар, Делчево, Дебар, Чаир, Струмица, Свети Николе, Неготино, Битола, Василево, Виница, Карпош, Гевгелија, Богданци, Маврово и Ростуше, Гевгелија, Кисела Вода, Кичево, Ѓорче Петров, Пласница, Теарце и Гази Баба.
Пратеници нередовни при посетите на граѓаните
Раководителката на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во Институтот за демократија „Социетас Цивилис – Скопје (IDSCS), Влора Речица, која со години ја набљудува работата на Собранието на Северна Македонија, вели дека пратениците не се редовни во исполнувањето на нивната законска обврска да се сретнат со својот електорат еднаш неделно, односно во петок.

„За жал, не (не се редовни). Прво, затоа што не сите пратеници имаат свои локални канцеларии во избирачките единици од кои доаѓаат. Второ, поради немањето собраниски календар, каде што собраниските седници би се закажувале неколку недели однапред, често се случува во петок пратениците да бидат во Собранието во Скопје, наместо во нивните локални канцеларии. И двата проблема се решливи, ако се има волја за реформи во Собранието во однос на собранискиот календар и ако се активираат сите пратенички канцеларии“, вели Речица.
Според анкетата, Речица објаснува дека граѓаните најмногу преферираат директни форми на контакт со своите пратеници. Најголем процент од испитаниците (26%) сметаат дека пратениците треба да ги информираат граѓаните од нивниот регион преку средби со граѓаните на јавни места. 21% сметаат дека треба да се информираат преку медиумите, 18% преку состаноци во канцелариите на пратениците, додека 17% сметаат дека пратениците тоа треба да го прават преку јавни настапи. 15% сметаат дека социјалните мрежи се соодветен канал за информирање на граѓаните.
Нејзиниот предлог е да има уште повеќе канцеларии отколку што има моментално.
„Дефинитивно треба да се активираат сите канцеларии за контакт со граѓаните, а петок да биде резервиран исклучиво за оваа активност. Дополнително, пратениците можат да бидат креативни и да организираат јавни трибини и средби со граѓаните на кои ќе ги слушаат нивните проблеми, предлози и идеи“, додава Речица.
Граѓаните сметаат дека Собранието е затворено
Според анкетата на Институтот за демократија за перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ППП), повеќе од половина од испитаниците (59%) сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, што е зголемување за 4 отсто во однос на 2021 година (55%), односно 10 процентни поени во однос на 2020 година (49%). Оваа перцепција, вели Речица, меѓу другото, се должи на затворањето на Собранието за јавноста поради пандемијата на Ковид-19 и потребата од заштитни мерки кои го ограничуваат учеството на граѓаните во работата на Собранието само преку интернет.
Речиси половина од испитаниците (54%) сметаат дека пратениците се затворени за забелешките на јавноста и граѓанските организации при подготвувањето на законите. Од нив, 28% сметаат дека забелешките ретко се вклучуваат, додека 26% сметаат дека тие се игнорираат целосно од пратениците.
На испитаниците им беа прочитани имињата на пратениците избрани од нивната изборна единица / општина / регион. Така, за една третина од граѓаните (38%) имињата на пратениците од нивната изборна единица / општина / регион беа непознати. На прашањето дали знаат кои се избраните претставници на нивната изборна единица/регион/општина во Собранието, повеќе од две третини од испитаниците (58%) одговориле позитивно.
Според истражувањето на Меѓународниот републикански институт спроведено во ноември и декември 2021 година, само 3% од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во оваа институција. „Донекаде“ на Собранието му веруваат 27% од испитаниците, додека 33% „во голема мера не му веруваат“. Кога станува збор за отворањето на Собранието за учество на граѓаните во неговата работа,
Според резултатот од мерењето на Индексот за отворенот на „ActionSEE“ за 2021 година, Собранието на Северна Македонија има вкупен резултат од 71.89%. За транспарентност, отвореност има 54.36%, пристапност 61.52%, свесност 51.11% и за интегритет 57.63%.
Линк до органилната објава: Канцелариите на пратениците за комуникација со граѓаните затворени кога треба да работат | Meta.mk
Сподели:
Останати блог текстови
Изборно рекламирање и социјална инклузија: Медиумите треба да ги разобличат стереотипите, а не да ги репродуцираат
29.01.2025
Наместо да се претстават како активни учесници во општеството, маргинализираните групи од политичките актери се портретирани како жртви или лица кои имаат потреба од помош. Дополнително, медиумите ретко ги преиспитуваат политичките наративи, што доведува до репродукција на стереотипи. Недостатокот на капацитети и знаења за инклузивно информирање само ја влошува состојбата. прод. д-р Марина Тунева Социјалната […]
Татјана Хилшер-Богусевич: Властите да најдат поефикасни законски решенија за демократски избори, не треба да се занемарува застапеноста на жените
30.12.2024
Татјана Хилшер-Богусевич. Фотографија од Порталб За време на организирањето на демократски избори, еден од предизвиците со кои се соочуваат земјите кои имаат релативно нов демократски режим, особено земјите кои излегоа од комунистичкиот режим, е недостатокот на јасни надлежности и доволно ресурси на институциите за управување со изборите. Културата на воведување нецелосни измени на изборните закони […]
Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано
03.12.2024
Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе најдат пат околу браните и ќе дотечат онаму каде што нема препреки. Слично е и со парите за интернет порталите во изборните кампањи, поточно ако не е регулирано има проблем. Не постои држава навистина, каде било, која има контрола, дали […]
Пари за портали во изборна кампања – не се знае кој пишува, ама се знае кој плаќа
07.11.2024
Во второто истражување ја објавуваме базата на податоци со сите 150 интернет портали кои добиле државни пари од парламентарните избори, заедно со податоците за тоа која коалиција дала пари на секој од нив поединечно Фото: Колаж, Мета.мк Од вкупно 150 интернет портали кои добиле државни пари за рекламирање на партиските коалиции за парламентарните избори во […]
Ниско присуство на жените во медиумското покривање на парламентарните избори
30.10.2024
Присутноста на жените и родовите прашања во медиумското известување и во платеното политичко рекламирање за време на овогодишните парламентарни избори беа темите дискутирани на панел-дискусијата водена од Билјана Бејкова и Татјана Богусевич, во рамки на конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“. Според најновото истражување на Фондација Метаморфозис, во коe беше спроведен мониторинг на […]
Истражување на Метаморфозис: Колку повеќе државни пари за порталите од една коалиција, толку помала непристрасност
30.10.2024
Распределбата на рекламните банери произлезе дека е политички мотивирана, и во одредени случаи партиите даваа предност на информативните интернет портали кои нудеа позитивно уредничко покривање на кампањата. Тоа укажува на стратешки пристап на партиите во насока на подобрување на нивната видливост и влијание врз јавната перцепција преку поволни медиумски написи, се вели во истражувањето на […]