Македонија станува дел од светот на слободната култура

Филип Стојановски

На многумина навикнати на практиките на првобитната акумулација на капиталот што ја искусиле во Македонија може да им биде чудно што некои од најпознатите брендови во светот на Интернет не се ориентирани кон алчно собирање профит.

Иако некои од гигантите во компјутерската индустрија често ги споредуваат со рекетари и бескомпромисни освојувачи од типот на Борг (од Ѕвездени патики), дури и некои од многу успешните комерцијални играчи, како Гугл, својот деловен модел го базираат на обезбедување бесплатни услуги и индиректна заработка преку реклами. Но, секако вистински херои во приказнава се фирмите и организациите што работат целосно непрофитно, а имаат огромно влијание. Таквите најчесто се идентификуваат со поимот слободна култура.

Членовите на движењето за слободна култура се најразновидни. Од компании што меѓу другото произведуваат слободен софтвер и им овозможуваат на сите да го користат, копираат, приспособуваат и споделуваат, до филантропски фондации и невладини организации кои сметаат дека пристапот до знаење е предуслов за решавање на сите други проблеми во светот. Увидувајќи го потенцијалот на Интернет во таа смисла, тие често формираат меѓусебни сојузи, доаѓаат до заеднички платформи и се помагаат меѓусебно во остварувањето на заедничките цели.

На пример, заедницата на слободен софтвер веќе има произведено неколку светски бренда. Имињата како Линукс, Убунту, Опен офис, Мозила, Фајерфокс или Тандербрд се поврзани со производи во чиј брендинг се заснова на искуствата на корисниците, а не на инвестирање во огромни маркетиншки буџети, особено во споредба со неслободните конкуренти. Тие заземаат огромен дел од пазарот на информатичка технологија и со задоволство ги користат и влади и фирми и милиони индивидуални корисници. На луѓето едноставно им одговара да користат квалитетен, легален софтвер за кој не мора да ги плаќаат лиценците.

Друг важен дел од движењето на слободна култура е отворениот пристап, чии актери се залагаат за целосна достапност на резултатите од научните истражувања, со што се зголемува и комуникацијата меѓу научниците, образовните стручњаци, студентите и сите заинтересирани за ширење на знаењето во таа форма.

Криејтив комонс како светски бренд

Развојот на Интернет го има поттикнато американскиот правен стручњак Лоренс Лесиг да ги примени ваквите и слични искуства и на поширокото поле на авторски права. Организацијата што ја основал во 2001 година заедно со неколку истомисленици ја нарекле Криејтив комонс, а тешкопреводливото име се однесува на добрата во јавна сопственост. Историјата на англискиот јазик не учи дека првобитно зборот комонс се однесувал на јавните простори, како паркови и плоштади, односно на делот од имотите на селата кои биле во сопственост на сите селани, како ливадите на кои сите можеле да ги напасуваат говедата, или шумите од кои сите можеле да собираат дрва за потпала.

Многу брзо Криејтив комонс ја има добиено поддршката на луѓето што веќе го користеле Интернет за објавување на нивните креативни производи. Во прв ред тоа биле автори на текстови, новинари, репортери, писатели, кои често истовремено биле и блогери, луѓе на кои не им пречело ако ги цитирате, под услов да наведете точно од каде доаѓа цитатот, со име и презиме и линк до оригиналот. Од сличен мотив им се придружиле и авторите на други видови содржини, како фотографии, музика, филмови… кои и пред тоа ги објавувале своите дела на Интернет и на кои им било потребно скратување на процесот на одобрување кога некој сакал да ги преземе – а со тоа и промовира.

Имено, според важечките закони за авторски права, секое дело со самиот чин на создавање е заштитено, а авторот се добива со морални и материјални права. Доколку го објави делото на Интернет, авторот не губи ниедно од тие права. Тоа што технологијата на други луѓе им овозможува да симнат и искористат слика од веб-сајт не значи дека тие смеат да го прават тоа. Без експлицитна дозвола на авторот таквиот чин е пиратство, а починителот може да стане цел на тужба за отштета.

Една од целите на Криејтив комонс е на авторите што сакаат на другите да им дозволат да ги користат своите дела, да го направат тоа на еден елегантен, јасен и правно издржан начин. Со примената на некоја од лиценците, авторот всушност склучува договор со своите корисници, кои се обврзуваат делата да ги користат според однапред определени услови, уживајќи определени привилегии.

Така на пример, преку една од лиценците, еден автор-блогер може да дозволи корисниците да користат негови текстови и да ги објавуваат во своите изданија, под услов да го наведат изворот (да нема плагијат) и тие изданија да се некомерцијални. Доколку корисниците прекршат некој од условите на договорот – на пример го објават текстот во комерцијален весник – тогаш авторот може да ги тужи за нарушување на неговото авторско право, поткрепено со лиценцата.

Македонски парадокси

Досегашната практика во Македонија укажува дека голем број објавени дела циркулираат без попречувања меѓу корисниците, во вид на пиратски производи и плагијати. Но, пиратството и плагијатот не се дел од слободната култура. Слободната култура подразбира функционирање на правната држава и почитување и на правата на авторите.
И во Македонија има голем број автори што од промотивни или хуманитарни причини дозволуваат слободен или делумно слободен пристап до своите дела, било преку Интернет, било преку други медиуми. На пример, на сајтот Македонска музичка мрежа има дел МП3 во кој се поставени десетици песни од македонски изведувачи. Арно ама на страницата постои и една контрадикторност – стои текст дека „сите права се задржани”. Тоа „сите“ значи и правото на симнување, изведување и дистрибуција. Значи, иако се ставени на располагање, нашиот закон пропишува дека граѓаните што ќе бидат „фатени” да ги поседуваат овие датотеки може прекршочно да одговараат – доколку не покажат документ со дозвола да ги користат или дистрибуираат потпишан од сопствениците на авторски права.

Секако дека уредниците на сајтот немале намера на овој начин да „фабрикуваат” криминалци, но без соодветна законска рамка на нивните корисници може да им се случат многу непријатни нешта. Токму за разрешување вакви ситуации се наменети лиценците Криејтив комонс. Уредниците на сајтот, а уште подобро самите автори, можат да применат некоја од нив преку поставување соодветна ознака на страниците, по што корисниците ќе знаат што точно можат да прават со изложените дела.

Дополнително загрозување на корисниците во Македонија е улогата на фирми што вршат застапување колективни авторски права, како ЗАМП, наплатувајќи глоба од корисниците што пуштаат музика јавно, без разлика на тоа дали авторите на музиката ги овластиле тоа да го прават или не. Работите се придвижуваат и на ова поле, но се уште на државно ниво се чека на решение со кои на авторите ќе им се овозможи право на избор, преку кое ќе може да ја одбијат „заштитата” на ваквите организации. Се најавуваат темелни измени на законската регулатива со кои Македонија уште повеќе ќе се приближи на развиениот свет, а со тоа ќе се овозможи и поголемо поле на дејствување на слободната култура.

Криејтив комонс во Македонија

Како што пиратството е еден од најголемите противници и попречувачи на слободниот софтвер, така и ситуацијата во која не се знае кој пие а кој плаќа во светот на продукција и дистрибуција на културни добра е закана за пошироката слободна култура.

За Криејтив комонс да дојде во Македонија, прво требаше да се создаде критична маса на поддржувачи и организации што би застанале како застапници на движењето. Оти ова е движење кое што е невозможно да се наметне однадвор во средина каде што за него нема потреба или интерес. Големиот број блогери, фотографи, дигитални уметници кои почнаа да ги користат американските лиценци во последните две години укажа дека е дојдено време за тој чекор.

Фондацијата Метаморфозис, која е официјален претставник на Криејтив комонс во земјава, изврши превод и приспособување на текстот на лиценците на македонската правна рамка. Во целиот процес голема улога играа и стручњаците од Центарот за образование за интелектуална сопственост од Правниот факултет во Скопје, како и НВО Контрапункт, чиј културен центар Точка има голема улога во комуникацијата и вмрежувањето меѓу младите македонски уметници и творци. Текстовите потоа беа изложени на јавна расправа, па потоа и официјално одобрени од централата на Криејтив комонс.

Со официјалното објавување на лиценците, закажано за 19 јуни, Македонија на уште еден начин ќе им се приклучи на водечките светски трендови, а сите нејзини граѓани ќе може да ги користат благодатите на слободната култура и за лична полза, но и за промовирање на културните вредности на земјата во која живеат.

Текстов е објавен и во Неделно Време на 17.6.2007 и на личниот блог на авторот.

Сподели:

meta tim sliki-02.jpg

Македонија

станува

дел

од

светот

на

слободната

култура

Останати блог текстови

Државни органи без интернет-страници, без социјални мрежи и со портпароли „на одмор“

23.09.2022

фото: Glenn Carstens-Peters на Unsplash Варира нивото на транспарентност и отчетност кое го достигнуваат државните институции во однос на комуникацијата со јавноста. Дел од македонските државни органи котираат високо на листата на отчетни институции, дури и се рангирани најдобро во регионот, а други се на самото дно на истата листа, речиси сосема недостапни за граѓаните. […]

Приватноста е човеково право – Заштита на личните податоци во Западен Балкан

14.09.2022

Целта на заштитата на личните податоци е да се обезбеди заштита на приватноста и другите човекови права и основни слободи при собирање, обработка и користење на лични податоци. Ова човеково право е регулирано со правната рамка во земјите од Западен Балкан, но неодамна доби нова перспектива кога законите почнаа да се прилагодуваат на Општата регулатива […]

Е-трговија на Западен Балкан: Колку се заштитени нашите податоци кога купуваме онлајн?

22.08.2022

Извор: Pexels Поимот Е-трговија подразбира процес на продажба на предмети или услуги преку Интернет. Водењето бизнис на Интернет стана прв избор на многумина, особено во последниве години како резултат на пандемијата со COVID-19. Пандемијата овозможи пораст на активностите на е-трговијата не само од перспектива на продавачи (сопственици на бизниси/даватели на услуги), туку се забележа и […]

"Дигитализацијата е возможна мисија само ако се гради на здрава ИТ основа" - Мета.мк Новинска агенција

27.07.2022

Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash Нови дигитални материјали за учење како дел од новата Концепција за основно образование, електронски алатки, интерактивни табли, електронско пријавување за упис во средно училиште, електронско аплицирање за стипендија, за студентско легло во студентски дом, водење евиденција во електронски дневник… Ова се само некои од можностите и услугите кои се дел […]

"Граѓаните талкаат од општините до Катастарот и обратно, бидејќи институциите немаат заеднички електронски систем" - Мета.мк Новинска агенција

25.07.2022

Фото: Порталб.мк Во претходната сторија објаснивме како за издавање на документ од катастар, треба да се извади уверение од општината, денеска ќе објасниме како за издавање на документ од општината, треба да се земе уверение од катастар. Значи административен апсурд, при што две институции бараат од граѓаните да ја докажат автентичноста на документите, нешто што […]

Дигитализација – приоритет во националните акциски планови за Партнерство за отворена власт на земјите од Западен Балкан

21.07.2022

Партнерство за отворена власт – Локални акции – Глобално влијание Како глобална иницијатива, Партнерството за отворена власт (ПОВ) е широко партнерство составено од ентитети на национално и локално ниво кои работат заедно за да креираат акциски планови со конкретни чекори – заложби – за широк опсег на прашања. Од 2011 година, идејата на ПОВ е […]