Мени

Доделени 6 грантови во рамките нa проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“

Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк – центар за европски стратегии“ ги објавуваат добитниците на грантови во рамки на програмата за мали грантови на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е поддржан од Европската Унија.

Овој прв повик за поднесување на предлог-проекти е наменет за иницијативи на локални граѓански организации во партнерство со медиуми со кои се промовира создавање култура на критичко мислење преку промоција на медиумска писменост, односно иницијативи насочени на исполнување на целите на проектот, преку активности прилагодени на потребите на локално ниво во секој од 8-те плански региони.

На повикот аплицираа вкупно 41 организација од осумте плански региони.

При евалуацијата на добиените предлог-проекти според зададените критериуми во Повикот, Жирито одлучи да додели 6 грантови во следните плански региони: Вардарски, Источен, Југозападен, Пелагониски, Североисточен и Скопски. Носители на грантовите се граѓански организации кои имаат формирано партнерства со медиуми, како и со други граѓански организации или јавни институции:

 

Листа на одобрени проекти по организации
Организација Регион Проект
Фондација за локален развој и демократија Фокус Велес Вардарски регион „Читај и меѓу редови“
Здружение на граѓани Медиа Плус – Штип Источен регион „Медиумски писмен граѓанин-за чест без стрес, најди ја вистинската вест“
Здружение на граѓани „Диверзити Медиа“ – Скопје Југозападен регион „Критичко размислување за активни граѓани“
Здружение за развој на граѓанско образование и цивилно општество ГАНИМЕД – Битола Пелагониски регион „Тема за дилема“
Центар за Ромска Заедница ДРОМ – Куманово Североисточен регион „Младинска медиумска писменост“
Македонски Институт за европски студии – Скопје Скопски регион „Не биди медиумска мета“

 

Првично на повикот беше предвидено да се изберат осум добитници на грантови по една во секој од планските региони, но поради недостаток на добиени квалитетни апликации Жирито одлучи да се доделат само шест добитници на грантови. Остатокот од средствата предвидено е да се потрошат во рамки на вториот повик за мали грантови во рамки на овој проект, кога може да се доделат и поголем број грантови од првобитно планираните осум.

Избраните грантисти ќе ги адресираат предизвиците со кои се соочуваат поддржувачите на медиумската писменост, кои се поврзани со потребата да се допре до поширока публика со цел да развијат одржливи и сеопфатни релации меѓу организациите од граѓанското општество, медиумите и граѓаните. При тоа, проектите вклучуваат употреба на дигитални технологии за промоција на содржини за јавна едукација на ефективен и иновативен начин и премостување на препреките кои доведуваат до недостаток на меѓусекторска соработка. Ваквиот пристап има за цел да ги зајакне позициите на граѓанските организации, да ја зголеми нивната понуда на содржини за граѓаните, зголемувајќи го нивниот капацитет како фактор на развојот во нивните заедници.