На 19 декември, со почеток во 11:00 часот, во Центарот за конференции и студии при Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје се одржа тркалезна маса на тема: „Отворени образовни ресурси – Искуства, придобивки, предизвици, отворени прашања и идни чекори“. На настанот поддржан од Фондацијата Метаморфозис, а на кој беше претставена Алијансата за отворени образовни ресурси, присуствуваа 35 учесници од основни и средни училишта, универзитети, библиотеки, невладини организации и јавни институции.

DSC_8435

Тркалезната маса започна со презентација на г-ѓа Лидија Топузовска од Националната комисија за УНЕСКО на Македонија, која зборуваше за проектите и програмите за отворено образование на УНЕСКО. Таа посочи дека се наоѓаме во декадата на УНЕСКО за образование за постојан развој, а зборуваше и за УНЕСКО клубовите, како и напорите за преведување на неколку водичи на УНЕСКО на локалните јазици, меѓу кои и водичот: Светското наследство во рацете на младите.

DSC_8312

Потоа, г-ѓа Марина Василева од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ Центар од Скопје, ги презентираше напорите за инкорпорирање на иновативни начини на учење преку употреба на ООР во основното образование и проектот Бабини игри кој претставува дигитализација на стари детски игри, со што се овозможува физичка активност преку дигитални игри. Таа ги посочи цртаните филмови како едно средство кое може да послужи како ООР. Својата презентација ја заврши со апелот дека се потребни повеќе конференции и институционална поддршка на концептот и идејата за ООР.

По неа, г-ѓа Олга Самарџиќ Јанкова, ги презентираше напорите на Отворете ги прозорците, и напомена дека се она што тие го продуцираат со нивната работа е достапно и пристапно. Имено, таа напомена дека луѓето со посебни потреби се хетерогена група со поголема потреба од образование и прилагодување на ресурсите и пристапот и посебна технологија. Таа ги спомена комерцијалните ресурси кои се достапни и нивната отворена алтернатива која е бесплатно достапна.

DSC_8351

Како претставник од Економскиот Институт – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, г-н Зоран Јаневски ги презентираше состојбите во високото образование, потенцирајќи го недостатокот на ресурси кои се достапни за високото образование. Како можна пречка за поголема продукција на ресурси ги посочи финансиите кои претставуваат потешкотија при спроведување на истражувања кои имаат финансиски импликации. Отворените образовни ресурси претставуваат начин да се дојде до дополнителна литература.

DSC_8370

Елена Игнатова од Метаморфозис, ги презентираше лиценците Криејтив комонс како алатка за создавање на ООР без целосно откажување од авторските права. Таа ја посочи најчестата грешка која се прави при споделување ресурси на интернет, а тоа е претпоставката дека со објавувањето на ресурсот на интернет тој се споделува како отворен ресурс, но всушност доколку не се избере лиценцата со која овозможуваме споделување, или пак доколку таа не е наведена од сервисот преку кој споделуваме, ресурсот всушност се објавува со целосно заштитени авторски права. Криејтив комонс се одличен начин да се сподели ресурс, но да се наметне во понатамошната употреба да бидете посочени како автор на оригиналното дело.

DSC_8422

Г-ѓа Жаклина Гештаковска Алексовска од Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК, зборуваше за тоа што претставува кариерното советување и кариерниот развој и како отворените образовни ресурси може да се искористат за понатамошна самопроценка и надоградба на нашите квалификации и насочување на кариерата.

По воведните презентации, присутните ги разменија досегашни искуства, а се разменија и идеи и препораки за развој на образованието и отворените образовни ресурси.

Присутните дискутираа неколку работи, но дел од отворените прашања се следните:

  • Недостатокот на одржливост на проектите за ООР претставува предизвик за да се гарантира дека тие и по завршувањето ќе продолжат да живеат;
  • Запознавањето на наставниците со иницијативата за ООР е сложен процес, во кои корисниците треба да се мотивираат да дојдат на оваа платформа наместо да го користат Фејсбук како платформа за комуникација и споделување;
  • Пиратеријата како предизвик при покренување на свесноста и ценењето на ООР.


Дел од препораките кои произлегоа се следните:

  • Отворениот образовен ресурс не е отворен образовен ресурс доколку не е достапен на интернет;
  • Потребно е да се направи корелација меѓу Министерството за образование, отворените образовни ресурси и законските иницијативи;
  • Да им се даде шанса на многуте креативни наставници и креативни ученици да се истакне нивниот потенцијал во создавање ресурси преку воспоставување на линк со Бирото за развој на образование;
  • Ресурсите кои ги креираат децата во склоп на образовниот процес можат да бидат признаени како нивни авторски трудови и со институционална поддршка да се публикуваат, при што може да помогнат дидактичари кои ќе го редактираат трудот и ќе ги филтрираат содржините;
  • Медиумите може да се искористат како средство за промоција на ООР;
  • Веб-локацијата www.oer.mk може да претставува еден вид катализатор и агрегатор на ресурси кој понатаму ќе се одржува, а каде сите можат да споделат, преземат и рангираат ресурс.

Сподели: