Мени

Отворен дигитален клуб во село Љубојно

        На 25 март 2005, во рамките на проектот Дигитални клубови, беше отворен ваков клуб и во селото Љубојно, Преспанско. Проектот за отворање на овој клуб беше поднесен од страна на Здружението за развој на алтернативен туризам од село Љубојно.

        Целта на проектот Дигитални клубови, кој е организиран и поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Фондацијата Метаморфозис, е премостување на „дигиталниот јаз“ преку отворање на вакви дигитални клубови. Мисијата на дигиталните клубови е обезбедување едукација, пристап до електронски бази на податоци, употреба на електронски сервиси (веб, е-пошта, и др.) и развивање на свест за информатичката технологија, како и промовирање на методологии и идеи кои ќе помогнат во забрзување на ширењето на информатичката технологија меѓу луѓето, без разлика на нивната возраст и потекло.

        Во овој клуб населението ќе има можност да користи интернет, да користи канцелариски програми, да печати и скенира, да игра компјутерски игри, а во иднина планирано е и одржување на курсеви.

        Љубојно е лоцирано во подножјето на планината Баба и е оддалечено од најблискиот град, Ресен, 20 километри. Во него има основно училиште во кое учат деца од вкупно четири села (Љубојно, Наколец, Брајчино и Долно Дупени).