Мени

Промоција на кратки едукативни филмови

proekcii_na_filmoviteНа оваа конференција ќе бидат претставени повеќе кратки едукативни филмови и игри на теми поврзани со детската безбедност и приватност на интернет кои ги изработи Фондацијата Метаморфозис во соработка со Детскиот Театарски Центар. Овој проект претставува продолжување на иницијативата на Фондацијата Метаморфозис за подигање на свеста кај децата, како и обезбедување информации и знаење за нивните права во врска со употребата на интернетот.Освен развивањето на едукативните филмови, развиени се и 10 игри и квизови со примена на цртани ликови, како и печатени ресурси за едукација на децата, постер и брошура.

По оваа прес конференција, заинтересираните ќе може да ги погледнат филмовите на 31 мај, во Детскиот Театарски Центар, каде ќе се одржи проекција со почеток во 19 часот. Меѓу другото, филмовите ќе бидат презентирани и во неколку градови низ Македонија. Па така, на 1 јуни, најавена е проекција на филмовите во салата на Општина Штип, со почеток во 10 часот. Истиот ден, филмовите ќе бидат презентирани и во Велес, во просториите на Домот на невладините – Фондацијата Фокус, со почеток во 14 часот. Ден подоцна, на 2 јуни, ќе се одржи уште една проекција во Општина Неготино со почеток во 11 часот. На проекциите ќе присуствуваат ученици од 7-мо и 8-мо одделение од локалните училишта, кои ќе добијат примерок од развиените материјали, а материјали и примерок од филмовите ќе им бидат доставени и на неколку локални училишта.

Проекции се најавени и во уште неколку градови: Тетово, 6 јуни, со почеток во 11 часот во Лоја; Битола, 7 јуни, 11:30 часот, МКЦ; и Дебар 8 јуни, 12 часот, Дом на култура.