Мени

Во Скопје одржан јавен настан „Слобода на интернет“

32082584_10156340494756873_3211760416346603520_n

Повеќе од потребно е да има едукација, поголема свесност и транспарентна судска пракса која ќе биде гарант за владеењето на правото и слободата во интернет сферата, како и специјализирани судски одделенија и судии за авторски права, беа некои од заклучоците од вториот јавен настан „Слобода на интернет“, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“, а спроведен во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерство инжинерство – ФИНКИ и „Форумот за управување со интернетот Македонија“ (IGF).

Настанот беше посветен на претставување на прелиминарните извештаи од проектот „Слобода на интернет“, финансиран од Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ), поврзани со заштита на човековите права на интернет, како и претставување на резултатите од мерењата за отвореноста на институциите од проектот „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во ЈИЕ“, поддржан од ЕУ.

Проектот „Слобода на интернет“ и прелиминарните извештаи за слобода на изразување, приватност и безбедност на интернет во Македонија во генерални црти ги претстави Филип Стојановски, програмски директор на „Метаморфозис“. Потоа адвокатот Валентин Пепељуговски, експерт за авторското право и сродните права го презентираше Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на Законот за авторското право и сродните права.

31531299_10156340495356873_3538377036936511488_o

За Прелиминарниот извештај за состојбите поврзани со примената на законските рамки поврзани со прислушување зборуваше Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата „Зенит“, додека Лилјана Пецова – Илиеска од „Метаморфозис“ ги претстави  резултатите од мониторингот за институционална отвореност и транспарентност за Република Македонија од проектот од проектот „Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE).

Во дискусиите на новинари, правници, адвокати и активисти, преовладуваше пораката дека треба да се посвети големо внимание на подигањето на јавната свест за меѓународните правни стандарди кои треба да се применат, а правниците кои работат во овие области во Македонија, пак, ги споделија и своите искуства, но и судската практика за случаите поврзани со интернет.