Датум: 5 ноември, 2024

Место: Хотел Мериот (Ballroom 1+2)

Влез: Бесплатен

Јазик: Македонски, албански и англиски симултан превод

Годинава се одржува јубилејното 20-то издание на конференцијата „е-Општество.мк“ (e-Society.mk) заедно со прославата на 20 години од основањето на Фондацијата Метаморфозис. На настанот насловен „Дигиталната преобразба за подобар живот“ ќе се фокусираме на постојаната планирана и непланирана дигитална трансформација на општеството во кое живееме.

Притоа, ќе ги разгледаме досегашните напори на граѓанскиот сектор и институциите во создавање на демократско општество во согласност со постојаниот технолошки развој и подготвеноста за сè побрзите промени во технологијата што бараат дигитална преобразба на нашите навики и начин на функционирање во општеството.

Поконкретно, темите на конференцијата ќе се фокусираат на:

  • општествената одговорност на институциите, граѓанскиот и бизнис секторот во градење на дигитално општество за подобар живот на сите,
  • промените на начинот на комуникација и потребата од постојана работа на повисоко ниво на медиумска писменост и критичко мислење,
  • постојана подготовка на граѓаните за препознавање на дезинформации кои се повеќе навлегуваат во сферата на безбедносен проблем.

Конференцијата е наменета за сите граѓани кои сакаат да се вклучат во размислувањето и дебатирањето околу овие нови предизвици, се заинтересирани за подобрување на својата медиумска писменост и сакаат да живеат во демократско општество и по целосната дигитална преобразба.

На конференцијата ќе бидат присутни експерти од земјата и регионот, како и меѓународни гости и претставници од релевантните институции.

Деталите околу програмата и гостите ќе бидат најавени наскоро.

Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис по дваесетти пат ја организира конференцијата „е-Општество.мк“. Оваа година настанот се одржува во синергија со проектите „Центар против дезинформации на Западен Балкан“ финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и „Интеграција на Западен Балкан во Единствениот дигитален пазар на ЕУ“ спроведуван од Партнери Србија, Метаморфозис и други партнерски организации, а финансиран од Фондации Отворено општество – Западен Балкан. Ставовите изнесени за време на конференцијата не мора да значи дека ги одразуваат мислењата на донаторите.

Сподели: