Фото: Ванчо Џамбаски

 

По повод 2 Април, Меѓународен ден на проверка на факти, Фондацијата Метаморфозис и Балканската мрежа за борба против дезинформациите организираа Регионална конференција на тема: „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера

На конференцијата зедоа учество експерти од регионот и пошироко кои се занимаваат со проверка на факти и спротивставување на дезинформации.

На првата панел дискусија насловена како „Предизвици за спротивставување на манипулацијата и мешањето со странски информации (ФИМИ) на Балканот“ во која фокусот беше кон странските штетни влијанија. Поточно, ширење на дезинформации на регионално ниво и идентификување на најчестите дезинформациски текови и наративи.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

Претставниците од Грција, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово ги споделија своите искуства со ширењето на дезинформации во нивните земји, потврдувајќи ги Истите заклучоци за патот по кој се шират и наративите кои се користат во целиот регион.

Фаик Испахиу, Internews Kosova, Косово предупреди дека дезинформациите не се само медиумски проблем, туку и историски. Во Албанија голем број од дезинформациите доаѓаат од надвор но и од внатре сподели Клодиана Капо од Фактоје.

Денис Џидиќ, БИРН, Босна и Херцеговина посочи дека целта на дезинформациите е да се создаде силен европски скептицизам, а Русија не е единствениот виновник за ова. А, Стилијанос Пурнис од Елиника Хоаксес, Грција даде примери како дезинформациите влегле и во грчкиот парламент.

Втората панел дискусија на тема „Демократијата во ризик: Избори во ерата на дезинформации“ беше насочена информациско нарушување на изборните процеси. Тука беа споделени искуства со примери за ширење на дезинформации за време на избори во другите земји, особено за време на изборната кампања и изборниот молк.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

Оваа дискусија започна со впечатливо кратко излагање на Јакуб Каленски од European Centre of Excellence for Countering Hybrid Threats (Hybrid CoE), Финска.

„Добра вест е дека за среќа, конечно подобро го детектираме проблемот. Но, лоша вест е дека не правиме доволно за да го спречиме Кремљ и тоа го гледаме на терен. Исто и во информацискиот домен, со моменталната траекторија, Русија победува. Гледаме дека има дезинформациски кампањи, а и победуваат на избори оние кои ги поддржуваат руските кампањи. Ние немаме долготрајна стратегија, немаме јасна стратегија како да победиме во борбата од информациска гледна точка“, рече Каленски.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

На овој панел предупредувањата за очекуваната зголемена дезинформациска војна пред изборите Јан Цингел од „Стратешки анализи“, Словачка – го раскажа примерот за дезинформациската кампања со користење на аудио запис генериран со помош на ВИ за време на предизборната кампања, што доста влијаело врз изборниот процес.

Владимир Ерцег од ЦРТА Србија раскажа за нерегуларностите во Србија за време на изборите, кои биле мониторирани и забележани од нивни претставници, а Марко Вукајловиќ од Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) во Црна Гора раскажа за сеприсуството на дезинформации во неговата земја.

Светлана Силјановска, советник во Владата на РСМ нагласи дека владата, граѓанските организации и медиумите потребно е заеднички да се спротивстават на организираната структура која е од другата страна.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

Исмар Милак, граѓанската асоцијација „Зашто не?“ од Босна и Херцеговина рече дека кај нив ситуацијата со дезинформациски кампањи е ужасна. „Имаме само 200 регистрирани портали. Пред избори се отвораат и после избори се затвораат. Се прават измени на Законот за да може да се регулира ова“, рече Милак.

Конференцијата ја отворија Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, Државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев и извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари.

Како што посочи тој, проверката на фактите е од витално значење во напорите да се разликуваат лагите од вистината, информациите од дезинформациите, вистинските разлики во ставовите од извртувањето на фактите или она што се опишува како „алтернативни факти“.

Според Гир, проверувачите на факти се исто така важни за откривање на стратегиите и техниките што се користат за промовирање на дезинформации. И на тој начин помогаат да станеме поотпорни на манипулации.

Холандскиот амабасадор Дирк Јан Коп, пак, посочи дека проектот “Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, Холандија го поддржа во ноември 2021 година, само неколку месеци пред Руската Федерација да ја започне својата брутална војна на агресија во Украина.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

„Во тоа време не очекувавме плејада на дезинформации што требаше да се прошират во овој регион. Сепак, со задоволство ја поддржавме иновативната иницијатива заснована на податоци која ги собра новинарите, аналитичарите и активистите со една заедничка цел: обезбедување вистинити и доверливи извори на информации. Две години подоцна гледаме дека го направивме вистинскиот избор“, рече Јан Коп.

Присутни гости беа претставници на домашни институции, граѓанскиот сектор, меѓународни организации, претставници на дипломатскиот кор, амбасадори, новинари.

Главните заклучоци беа насочени кон тоа дека е потребно поголемо внимание на информацискиот тек и поголема соработка на регионални ниво за заштита од дезинформации земајќи го во предвид фактот дека во новата ера сè повеќе и полесно се шират и е сè потешко да се идентификуваат.

Директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари кажа дека овој настан е значителна пресвртна точка со оглед на тоа дека се одбележува Меѓународниот ден за проверка на факти.

„Овој настан ги потврдува нашите заложби за заштита на вистината и интегритетот, ја истакнува незаменливата улога на проверувачите на факти. Силно веруваме во заедничките заложби, во транспарентните процеси и во мрежата на споделување, бидејќи тоа е основа на нашето работење во Метаморфозис, кој годинава слави 20 годишнина. Оваа мрежа на Балканот е како еден нормален напредок во регионот од сите конференции кои се одржаа. Сакаме оваа мрежа да создададе нови партнерства оти само со заедничко работење можеме да направиме значително влијание“, истакна Јашари.

Фото: Ванчо Џамбаски (https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720315932339/page5)

Фондацијата Метаморфозис повеќе од 13 години работи на откривање на дезинформациите кои се шират низ земјата и регионот преку дигиталните медиуми соработувајќи со 15 партнерски организации од целиот Балкан.

Балканската мрежа за борба против дезинформации е основана во 2020 година, а покрај Метаморфозис и Innovative Media од Северна Македонија, во мрежата членуваат Internews Kosova од Косово, CRTA од Србија, Ellinika Hoaxes од Грција, BlueLink од Бугарија, потоа Peace Journalism Lab, Digital Communications Network Southeast Europe Hub и Journalists about Journalism од Грција. Нејзините членови се придржуваат до основачката Декларација која ја потврдува слободата на изразување во нејзините различни форми.

Сподели: