Панел-дискусија насловена „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите“ организира Фондацијата Метаморфозис во рамки на конференцијата „Медиумска писменост во дигиталните простори“ што на 24 октомври ќе се одржи во Рагуза 360 во Скопје.
Дискусијата се организира преку Проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан“ поддржан од Кралството Холандија.
Експерти од земјата и регионот ќе дискутираат за тековните состојби и иницијативи за справување со дезинформациите преку меѓусекторска синергија на истражување, новинарството, медиумската и дигитална писменост и застапување за развој на јавни политики и стратегии.
„Домашните панелисти Филип Стојановски, Горан Ризаов и Деспина Ковачевска од Фондацијата Метаморфозис ќе споделат сознанија заедно со Албулена Халили, научен соработник од Институтот Макс ван дер Штул при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Имајќи предвид дека балканските земји се соочуваат со слични предизвици, свои искуства ќе пренесат и Никола Петровиќ, директор на тинк-тенкот Центар за меѓународни и безбедносни прашања (ISAC фонд) од Србија и новинарката Јона Плумби од сервисот за проверка на факти Фактоје од Албанија“, велат од Фондација Метаморфозис.
Панел дискусијата започнува во вторник во 10 часот и 30 минути, а покрај во Рагуза 360, може да се проследи и онлајн на Зум преку овој линк.
Повеќе информации може да се најдат овде.
Со конференцијата „Медиумска писменост во дигиталните простори“ ќе биде отворено петтото издание на Деновите на медиумска писменост во организација на Мрежата за медиумска писменост.
Конференцијата, пак, е во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Фондацијата Метаморфозис, Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС и ќе се состои од три дела – два панели и една работилница.
Деновите на медиумската писменост се најзначајниот национален настан за мобилизирање на граѓаните, образовните установи, граѓанските организации, медиумите и државните институции и за подигнување на свеста за напредокот постигнат во медиумската и информациската писменост.
Сподели: