Семинарот се одржа во хотелот „Климетица“ во Охрид, а го посетија 34 учесници и 8 луѓе во улога на организатори, презентери и фацилитатори. Од 34-те учесници, дел беа претставници од НВО-ии кои по завршувањето на семинарот треба да ја преземаат улогата на едукатори во училиштата, додека останатите беа наставници од училиштата кои имаа можност да го посетат семинарот со цел да им ги пренесуваат овие знаења на своите ученици во иднина.
Накусо, услов за еден претставник од една НВО да ја земе улогата на едукатор, беше да го посети овој семинар на кој ќе се стекне со потребните знаења и информации. Понатаму, секој од едукаторите треба да исполни по 5 едукативни презентации во секое училиште во градот од каде доаѓа. 3 од овие презентации се наменети за едукација на децата за безбедно користење на интернетот, една е наменета за нивните родители, додека последната треба да ги опфати наставниците. Оваа активност треба да биде завршена до крајот на месец мај, а за секоја изведена презентација ќе следат редовни извештаи. Презентациите се достапни за преземање од овој веб сајт, а можат слободно да се користат и во други едукативни цели. Презентацијата за деца е наменета за учениците од основните училишта и тоа од прво до шесто одделение, додека за учениците од седмо и осмо одделение, како и за средношколците, треба да се користи презентацијата за тинејџери.
Со едукацијата ќе бидат опфатени вкупно 28 основни и средни училишта во Македонија и тоа во следните градови: Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Делчево, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар и Кавадарци. Во овие градови, едукативните презентации ќе се одржуваат во 18 македонски училишта и во 10 албански. Од нив, 16 се основни училишта, додека средни се 12.
Третата сесија ги обедини двете групи на кои им беше презентиран материјалот кој едукаторите ќе треба да го користат во училиштата, а се однесува на заштита на децата и нивните права на интернет. Презентацијата ја одржа Ирина Шумадиева од Фондација Метаморфозис, а ги опфати четирите презентации наменети за секоја целна група, публикациите кои треба да им се поделат на учениците, односно постерот кој ја содржи повелбата за правата на децата на интернет, летокот за вешто користење на интернетот, како и брошурата за заштита на личните податоци на интернет. На крајот беше разгледан веб-сајтот на проектот кој исто така им е наменет на сите категории на посетители. По тричасовната сесија, следуваше групна вечера во ресторанот „Климетица“ во Струга.По ручекот, семинарот се сметаше за завршен, па учесниците почнаа да се враќаат во своите градови. Тие беа задоволни од програмата на настанот и покажаа висока мотивираност за работата која треба да ја преземат во идниов период. Според нивните реакции и коментари, очекувањата за спроведување на едукациите низ училиштата во Македонија се позитивни и ветуваат успех.
Сподели: