Конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY

Електронските дезинформации се шират и никој не е имун на нив. Тие се закана за општествата. Борбата против дезинформациите бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество. Oва беше истакнато на отварањето на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која ја организираат Претседателскиот центар за политичко образование и Фондацијата „Метаморфозис“.

На отворањето на конференцијата се обрати претседателот Стево Пендаровски, Дирк Јан Коп, амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Mакедонија, Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, како и проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за внатрешна политика, надворешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ.

„Дезинформациите како средство за предизвикување или продлабочување на општествените поделби односно како средство за психолошка војна не се ниту нов, ниту непознат феномен. Присутни се во сите општества во различни временски периоди и биле користени од различни групи внатре и надвор од општествата. Во оваа смисла особено се ранливи демократските општества бидејќи плурализмот на мислењата и ставовите, односно слободата на изразување вклучува и слобода на вербално несогласување се самата суштина на демократските општества и начинот на кој во нив се донесуваат одлуките“, истакна претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање.

Претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Тој кажа дека сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да ѝ бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.

„За долгорочна отпорност на македонското општество клучно е образованието. Во образовниот систем мораме да вклучиме содржини што се однесуваат на медиумската писменост, а препорачувам и вклучување на политичкото образование во духот на демократските вредности во редовниот образовен систем. Претседателскиот центар за политичко образование веќе започна една таква иницијатива во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Фондацијата за демократија на Вестминстер од Велика Британија и токму утре ќе биде промовирана публикацијата со јасни насоки и препораки за имплементација на политиките во овој сегмент“, потенцира претседателот.

Амбасадорот Јан Коп, се осврна на интересот на Холандија и на С. Македонија кој е јасен, а тоа е дека и двете земи сакаат стабилност и просперитет.

„Затоа државата, освен на НАТО, треба да биде и членка на ЕУ“, кажа амбасадорот.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Од почетокот на руската агресија, потсети амбасадорот Јан Коп, има многу дезинформации.

„Наративот е зајакнат од локалните актери за краткорочни политички добивки или за повеќе лајкови на социјалните мрежи. Ние годинава славиме 30 години дипломатски односи меѓу нашите две земји. Она што е исто низ годините, е дека Холандија е најлојален пријател и најсилен поддржувач на С. Македонија за членство во ЕУ. Мило ни е што ја поддржуваме Фондацијата Метаморфозис, која работи на проекти за погрешни информации и пропаганда кои доаѓаат од екстремистички актери во регионот. Ако се фокусираме само на проверка на информацијата и дебанкинг, секогаш заостануваме еден чекор назад. Потребна е општествена отпорност на информациите, а тоа бара и национални насоки и законска регулатива. Луѓето не треба да веруваат во сè што ќе прочитаат, учениците треба да ги прашуваат наставниците, а граѓаните треба да им поставуваат прашања на властите. Ни требаат покритички и поаналитички и полатерални мислители“, истакна холандскиот амбасадор.

Директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари истакна дека од 2011 година Фондацијата го препозна овој проблем и почна да се бави прво со проверка на факти.

Директорот на Метаморфозис Бардил Јашари на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

„Со текот на времето, видовме дека дезинформациите се многу сериозен проблем. Тоа е и безбедносен проблем и како таков треба да се третира. На ваквите сложени општествени проблеми, сметаме дека сите заедно треба да работиме за да најдеме решение и да ги намалиме штетите од дезинформациските кампањи. Треба да создадеме систем, кој ќе ги намали штетните влијанија. Затоа таа заедничка работа, е многу важна. Улогата на невладините организации е важна, треба да се работи на едукација на граѓаните, на градење капацитети, анализи и истражувања кои ќе дадат уште поголем кредибилитет на тоа што го работиме. Очекуваме од државните институции да бидат потранспарентни и да не оставаат простор за манипулации. Академската заедница, медиумите да ги следат своите стандарди. Мисијата не е невозможна ако работиме заедно и фокусирано во борбата против дезинформациите“, истакна директорот Јашари.

На конференцијата, професорот Александар Спасов во своето излагање кажа дека е потребно да се избориме со пропагандата и да изградиме систем.

„Пропагандата и дезинформациите живеат долго време со нас. Нивното дејствување е јако и на геополитички план, така и на внатрешно политички план. И тоа не само систем кој ќе го сочинуваат само државните органи, туку систем на отпорност од страна на општеството. Најефикасната борба со пропагандата е ако самото општество може да препознае што е стереотип, што е предрасува, што е лага, а што вистина“, рече професорот Спасов.

Професорот Александар Спасов на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Во рамки на конференцијата се одржа и сесијата насловена „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија“ на која зборуваат Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање, Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, како и Билјана Георгиевска, извршна директорка на „Совет за етика во медиумите на Македонија“.

Борбата со дезинформациите не треба да се гледа како загрозување на слободата на говор или цензура, бидејќи не станува збор за наивно пласирани вести, туку дезинформациските кампањи се државно организиран и насочен процес кој има за цел манипулација со јавното мислење и притисок кон носителите на одлуки.

Ова, меѓу другото, го кажа директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу на панел дискусијата „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија“, во состав на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која ја организираат Претседателскиот центар за политичко образование и Фондацијата „Метаморфозис“.

Муслиу предупреди дека земјава ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024 година.

Еролд Муслиу на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

„Кремљ ги користи своите дипломатски капацитети во регионот за да ги контролира и насочува „алатките“ – проруски НВО, црковниот клер, политички субјекти, новинари, медиуми, интернет портали и лица со влијание на социјалните мрежи, кои што ја помагаат руската хибридна пропаганда во регионот. Руската хибридна стратегија проектирана за Западен Балкан и Северна Македонија се темели на искористување на „прозорци на можности“. Оттука, отворените прашања и забавените евроатлански интеграции даваат можност Русија да биде ефиктивен малициозен актер во регионот“, рече Муслиу.

Директорот на Агенцијата за разузнавање рече дека во моментов во земјава се одвива класична операција на рефлексивна контрола преку дезинформациска кампања поврзана со процесот на прифаќање на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија

Директорот на Агенцијата за разузнавање најави и дека во земјава има и кинеско влијание.

„Можам да кажам дека постојат индиции дека се плаќа на локални медиуми да објавуваат текстови од стратешко значење за Кина, но со регионална и локална прилагодливост“, рече Муслиу.

Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, истакна дека медиумите ја изгубиле улогата во креирањето на јавното мислење и дека сега се доминантни социјалните мрежи.

„Сметам дека социјалните мрежи на доминантен начин ја презедоа улогата на медиумите, значи тие не функционираат како медиуми, туку тие се медиуми според сите дефиниции за тоа што всушност е медиум во однос на пренесувањето на информации важни за граѓаните“, рече Бошњаковски.

Миле Бошњаковски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Тој даде пример за тоа како една вест на социјалните мрежи предизвика бран на дезинформации. Станува збор за кампања позната на јавноста, според која во земјава ќе се сместуваат мигранти од блискоисточните земји.

„Точно е дека Северна Македонија ќе изгради центар за азиланти, бидејќи стариот беше руина и сè уште е руина. Од оваа информација дека РСМ ќе изгради нов центар за азиланти, во традиционалните медиуми се создаде информација дека ќе донесеме мигранти, милиони мигранти. Потоа, по неколку дена, сето ова прерасна во општа национална кампања, во која се собираа и потписи [против носењето на мигрантите] – да не им дозволиме да влезат, а прашањето е многу едноставно – кој да влезе? Апсурдно. Денес, на дезинформациите повеќе не им се потребни традиционалните медиуми за да им ја дадат таа срамна поддршка. Денеска тие веднаш стигнуваат до поголемиот дел од јавноста“, рече Бошњаковски, додавајќи дека земјава е ранлива на дезинформациските кампањи, особено имајќи ја предвид политичката поларизација во земјава.

Директорот за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски го сподели своето искуство со текот на проектот Центар против дезинформации на Западен Балкан.

„Главната цел на нашиот проект е разоткривање на сите штетни странски влијанија кои се изразуваат преку дезинформациите и сличните појави, почнувајќи од пропагандата, па сè до разните медиумски и политички манипулации. Да се ​​види каков е нивниот тек, од каде доаѓаат. За тоа е важно прво да се изгради еден капацитет. Во изминатиот период само еден мал број на фактори во нашето општество се занимаваат со дезинформациите, а за тие на регионално ниво првенствено изградивме една мрежа на партнери, составена од организации кои до сега се занимаваа со дезинформациите, пред сè со проверката на факти, но и други видови организации кои се занимаваат со медиумите, младите и тинк тенкови кои се занимаваат со анализи на безбедносните и другите аспекти, затоа што во овие две области нема многу соработка“, рече Стојановски.

Филип Стојановски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Тој додаде дека секоја организација од земјите во регионот работи на градење на национални форми на соработка со другите граѓански организации и државните институции, а од регионален аспект соработуваат за откривање на дезинформациите кои се прекугранични, а кои се прилагодуваат во локални форми и како такви се многу поштетни.

„Такви се дезинформациите поврзани со меѓуетничките односи кај нас, во соседните земји каде што има меѓуетнички проблеми со албанската заедница тие се претставени на поинаков начин од оној на кој навистина се одвиваат во нашата земја, а кај нас доаѓа дополнителна перцепција од Србија, и таа ги користи злонамерните локални чинители кои презентираат одредени етнички структури во полошо светло. И ова е еден маѓепсан круг или спирала. Ние почнавме со нашите капацитети на Метаморфозис. Вистина е дека проверката на факти е есенцијална, но не е доволна“, додаде Стојановски.

Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиуми на Македонија истакна дека саморегулацијата има потенцијал и насекаде во Европа овие совети не се откажуваат, туку се обидуваат на разни начини да ја мотивираат јавноста да поднесе што е можно повеќе претставки за содржините во медиумите.

„Саморегулацијата е одлична алатка во рацете на граѓаните, институциите и невладините организации за спротивставување на самоволието во медиумите, незнаењето, намерните и ненамерните грешки. Во моментов ова е најдобриот мониторинг на работата на медиумите кои доброволно се залагаат за да се обединат за поквалитетно и повлијателно новинарство, за повисоки стандарди, за немешање ниту од власта, ниту од политичките или бизнис елитите. Саморегулацијата е промоција на квалитетното новинарство за заштита на слободата на изразување и, во поширок контекст, за поголем отпор за демократија во општеството. Саморегулацијата се дефинира како заложба на медиумските професионалци, што значи дека тие се залагаат за квалитетно новинарство за да го одржат дијалогот со јавноста“, рече Георгиевска.

Билјана Георгиевска на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Ванчо Џамбаски

Таа додаде дека искуството од претставките и работата на Комисијата за жалби при СЕММ покажува дека меѓу стотиците медиуми, главно онлајн, има и такви кои не го прифаќаат овој механизам за саморегулација, кои остро ги отфрлаат понудите за медијација или корекција на грешките.

„Саморегулацијата мора да се промовира и во иднина и уште повеќе, да се подигне свеста кај граѓаните дека медиумите не се играчки и дека новинарите не смеат да бидат само носители на микрофони или невидливи копи-пејст луѓе. Дефинитивно е потребно да се инвестира во едукација на граѓаните за поголема слобода на изразување“, додаде Георгиевска.

На последната сесија насловена „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ се обратија Елида Зулбеари, раководител на проект во Фондацијата „Метаморфозис“, Светлана Силјаноска, соработник за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања во Владата на Република Северна Македонија, Петра Балажиќ, претставничка на „Центар за европска перспектива“ од Република Словенија и Росана Алексоска, претставничка на Граѓанската асоцијација – МОСТ.

Градењето отпорност на дезинформации е прашање што има повеќе димензии – од националната безбедност, па сè до унапредување на медиумските слободи, борбата против корупцијата и зајакнување на улогата на граѓанското општество како двигател на демократизацијата и затоа инклузивноста е неопходна. Ова го истакна Елида Зулбеари, раководителка на проект во Фондација Метаморфозис.

Следниот чекор, како што рече таа, е препораките да се претворат во заеднички активности.

„Тоа, пред сè, значи консултации со сите засегнати страни за да на крај се продуцира одреден документ – дали тоа ќе биде стратегија или дали е тоа некој друг документ, ќе видиме на крај, документ кој ќе ја дава рамката за борбата против дезинформациите и странските влијанија преку кампањите со дезинформации. Ние како инволвирани во процесот предлагаме тоа да биде што поотворен консултативен процес, да има неколку интеракции за да не остане никој надвор од процесот, затоа што ова не е процес на Метаморфозис, на Владата или ЗНМ, туку е заеднички процес“, рече Зулбеари.

Елида Зулбеари на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Ванчо Џамбаски

Во документот со кој процесот би се завршил би требало да се знае кој општествен чинител каква одговорност ќе има и што треба да направи за да придонесе кон намалување на овие штетни влијанија, за кои Зулбеари рече дека „не може да ги снема“.

„Планот е да продолжиме со овој процес преку системски пристап за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа, почнувајќи од образовниот систем, односот на институциите и засегнатите страни во сите сектори, како и на семејно и индивидуално ниво. Исто така, во зависност од ресурсите би сакале да поканиме и претставници од поразвиените демократски земји кои имаат и високо ниво на медиумска писменост, да дојдат тука со нивните примери за да ни помогнат да го адаптираме нашиот пристап и да го земеме тоа што функционира и што знаеме дека е добро а нема да ја загрози слободата на изразување и независноста на медиумите“, рече Зулбеари.

Но, точен рецепт за борба против дезинформациите за кој со сигурност се знае дека функционира, не постои. Секое општество на свој начин се бори со ваквите предизвици и помалку или повеќе има успех во борбата за справување со дезинформациите, рече соработничката за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања во Владата на РСМ, Светлана Силјаноска.

Според неа, пред да се разгледаат решенијата на проблемот, треба да се увидат целите на оние кои „свесно, организирано, наменски и со буџет, создаваат дезинформации“.

„Една цел е да се поткопа довербата во институциите. Втора цел е да се разниша желбата или потребата на граѓаните да учествуваат во демократските процеси. Едното го гледаме низ ниската доверба што се демонстрира кон сите општествени чинители, вклучително и кон нас институциите. Втората ја гледаме со одбивањето за учество во демократските процеси како што референдум, попис. Демократските институции имаат желба и цел граѓаните да учествуват во демократските процеси онака како што би требало во една развиена земја“, истакна Силјаноска.

Светлана Силјановска на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Ванчо Џамбаски

Таа додаде дека дезинформациите можат да влијаат врз изборниот процес и во најразвиените земји, што значи дека создавачите на ваквите дезинформации ги постигнуваат своите цели.

„Третиот аспект е пасивизацијата. Кога еден граѓанин е изложен на многу информации, многу е тешко да стигне до точната. На крајот свесно бира да не се информира. А неинформирани граѓани носат неинформирани одлуки. Ова можеме да го видиме особено изминатиов период откако почна војната во Украина. Интензитетот на различни наративи за една иста ситуација е многу поголем од кога било. Ако претходно дезинформациите имале за цел да спротивстават два концепти, сега имаат цел да воспостават цела плејада на наративи, за кога еден граѓанин ќе почне да се информира, тоа да му стане работа. Кога ќе почне да се информира и да ја бара точната информација, на крај се откаже и рече „свесно бирам да не се информирам“. Тоа е општество во кое одлуките ги носат многу мал процент на луѓе и граѓани“, рече Силјаноска.

Раководителката на проект и стратешка комуникација во Центарот за европска перспектива од Словенија, Петра Балажиќ, сподели резултати од истражување на јавното мислење во однос на информациите, кое било спроведено во земјите од Западен Балкан на регионално ниво.

Според истражувањето, 72 отсто од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека дезинформациите се проблем во нивните земји. 57 отсто биле донекаде уверени дека може да се идентификуваат со вестите кои ја прикажувале нивната реалност, за што Балажиќ рече дека, од друга страна, постојат 43 проценти граѓани кои не знаат дали можат да се идентификуваат со информациите што ги читаат.

Петра Блажиќ на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Ванчо Џамбаски

Балажиќ соопшти и дека најголем дел – над 50 отсто од граѓаните на Западен Балкан се информирале преку домашните медиуми, 44 проценти преку пријателите и семејството, додека 13 отсто им верувале на своите влади.

„Тоа значи дека, доколку имате дезинформација која е добро раширена во една земја на Западен Балкан, тие луѓе што веруваат во оваа дезинформација би можеле истата да ја споделат со своите пријатели во другите земји од Западен Балкан. Таа информација циркулира. Последната жална вест е дека 55 отсто од граѓаните на Западен Балкан не им веруваат на своите влади што ја става во прашање ефективноста на јавната комуникација“, рече Балажиќ, додавајќи дека во интерес на сите е да се зајакне регионалната отпорност кон дезинформациите преку заедничка соработка.

Таа ја посочи Северна Македонија како позитивен пример на држава која направила големи чекори напред кон борбата против дезинформациите. Можно решение, според неа, е земјите од Западен Балкан да разменуваат информации и добри практики и да учат едни од други, а како пример за тоа ги посочи организациите и медиумите за проверка на факти кои имале меѓугранинка соработка.

„Друга работа е осигурување на меѓусекторската соработка. Проблемот е што ние во Западен Балкан имаме потешкотии да изнајдеме соработка со целото општество. Тешко е да ги натераме владите и медиумите да седнат заедно“, додаде Балажиќ.

Наративите се особено важни во претстојниот процес во борбата против дезинформациите, а разбирањето на таа борба и учењето како да се справиме со истата ќе бидат паралелен процес, рече Росана Алексоска, програмски менаџер за справување со лажни вести и наративи во Граѓанската асоцијација МОСТ.

„Зошто е важен наративот? Затоа што кај дел од населението во Република Северна Македонија, а и на Балканот, особено кај православното наслеение, постојат одредени погрешни верувања, перцепции и погрешни заблуди кои овозможуваат дезинформациите да го најдат својот пат и да влијаат. Ова значи дека тој процес не е еднонасочен – колку повеќе дезинформации, информациски дисторзии и влијание – толку повеќе овие длабоко вкоренети заблуди, ќе стануваат уште подлабоки“, истакна Алексоска.

Процесот е предизвикувачки и во него треба да бидат вклучени образовниот, политичкиот систем, медиумите и други чинители.

„Потребен е еден сеопфатен општествен процес во кој ќе се обидеме прво да разбереме, а второ и точно да го дефинираме непријателот“, рече Алексоска, додавајќи оти дезинформациите се само една од алатките на руското штетно малигно влијание.

Росана Алексоска на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Ванчо Џамбаски

„Да, целта е да се креираат дисторзии и поделби, да се подрие довербата во институциите, во медиумите, во граѓанските организации, во нашите сојузници, меѓутоа другата многу важна цел е да се преплави информацискиот процес со толку многу различни податоци да луѓето во еден момент останат збунети и не знаат во што да веруваат“, додаде Алексоска.

Таа ги поздрави регионалните иницијативи, но рече дека регионалната соработка не смее да се одвива на штета на евроатлантските интеграции.

„Апелирам до сите да го напуштиме концептот на неврзани, бидејќи Запад – денес тоа сме ние. Ние сме Запад. Евроатлантските интеграции не смеат да трпат поради регионалните иницијативи“, рече Алексоска.

Со сесијата „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ која ја модерираше Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист во фондација Метаморфозис, се заокружи конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, на која претставници на државни институции, граѓанскиот сектор и медиумите дискутираа за некои од најважните прашања што ги носи борбата против дезинформациите.

 

hubmk

Сподели: