Првата панел дискусија во рамките на конференцијата е-Општество.мк беше на тема „Опсерваторија за Дигитална агенда – Каде е моментално Западен Балкан?“. Дигиталната агенда на ЕУ за Западен Балкан беше усвоена од сите шест земји од Западен Балкан во 2018 година во Софија, а на оваа сесија се дискутираше за статусот и напредокот на спроведувањето на Дигиталната агенда во земјите од Западен Балкан. Инаку, токму проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија, го спроведува Фондацијата Метаморфозис.

Снежана Никчевиќ од невладината организација 35 мм од Црна Гора на панел дискусијата се задржа на состојбата во нејзината земја, која спомена дека првата стратегија за дигитална трансформација била усвоена лани. Таа спомена дека во перцепцијата на дигиталната трансформација се клучни јавните службеници како алка помеѓу институциите и граѓаните, односно нивната подготвеност да се справат со дигиталната трансформација.

Таа спомена дека во Црна Гора малку луѓе ги користат дигиталните услуги и може да се забележи зголемување на услугите, но тоа првенствено се однесува на 3-4 услуги кои се задолжителни онлајн, како што се: аплицирање за студирање на факултетите или аплицирање за стипендии кај институциите.

Фото: Мета.мк

Во делот на дигиталната трансформација, Никчевиќ спомена дека ситуацијата во Црна Гора е добра во поголемите општини, но во помалите рурални општини е многу лоша. Токму затоа, едно од нештата на кое треба да посветиме внимание е дигиталната писменост. Таа рече дека имаме ниско ниво на функционална дигитална писменост, но и медиумска писменост, и на ова сите заедно треба да работиме со граѓаните.

Во Црна Гора, која е дел од ИЦЕДА мрежата, покрај НВО 35 мм, има уште осум партнери од граѓанското општество, пет медиумски партнери и три институции, и тоа е соработката што е воспоставена за имплементација на дигиталната агенда. Воспоставени се три центри за поддршка и преку 3.000 граѓани биле опслужени за користење на е-услуги, изјави Никчевиќ.

„Мора да има разни пристапи за да биде поопипливо за луѓето кои не знаат да користат одредени дигитални услуги. Многу е важно да се работи со организациите кои се на терен за да работат со граѓаните“, изјави Снежана Никчевиќ.

Ариана Ѓули од Отворени податоци од Косово на дебатата рече дека Косово е последна земја која ја воведе националната платформа за е-услуги „Е-Косово“. Сепак, оваа централизирана платформа постанала функционална во 2021 година првенствено поради ковид пандемијата и потребата од вакцинација.

Тогаш граѓаните морале да се регистрираат преку Платформата за да се вакцинираат против ковид, но „Е-Косово“ почна да нуди и други дигитални услуги, па така друга услуга како неодамна дигитализирана е регистрацијата на возилата во Косово, така што сега граѓаните не мораат да одат во општините или друг центар за да обезбедат документ за регистрација на возилото.

„Има забележителен прогрес во Косово во последните три години. Сработивме одлична работа, но има простор за напредок и во иднина во Косово“, рече Ариана Ѓули.

Алдо Меркочи од движењето „МЈАФТ“ од Албанија рече дека Албанија ги дигитализираше буквално сите услуги и стана прилично подложна на кибер напади. Во 2019 година Албанија го започна процесот на дигитализација и во текот на годинава започна имплементирањето на системи и услуги преку централизираната платформа за е-услуги „Е-Албанија“.

Со ковид пандемијата, Албанија во 2020 година се пренасочила кон обезбедување на 220 е-услуги, со исклучок на мал број услуги кои не се обезбедуваат онлајн во моментов (обновување на пасоши, возачки дозволи и сл.), вели тој.

Меркочи додаде дека во првиот момент Албанија била многу успешна дигитална приказна, така што од 2020 до 2022 година повеќето услуги веќе биле дадени онлајн од државата и општините на граѓаните. За кибер безбедноста Албанија го зела примерот со Естонија. Албанската влада посветила внимание на зголемување на дигиталната писменост на граѓаните, за тоа како да се мигрира онлајн, но и како да се направи агенција која ќе биде одговорна за сите 55 податочни бази кои би се интегрирале во онлајн сферата.

Сепак, Алдо Меркочи спомена дека годинава се случил најопасниот кибер напад во Албанија.

„Имавме сè пренесено онлајн, и затоа бевме предмет на онлајн напади“, рече тој и додаде дека многу податоци биле преземени од 55-те бази.

По ваквиот напад, секоја недела преку групата Албанска борба за демократија на Вибер во јавноста се пуштале различни податоци за граѓаните, па така веќе се објавени приватни податоци на граѓаните, вклучувајќи броеви на мобилни телефони, гласачки регистарски броеви, дати на раѓање на граѓаните и регистрации на возилата. Исто така, втор тип на информации пуштени во јавноста по кибер нападите се листите на вработени во јавната администрација, што е многу опасно, потенцираше Меркочи.

„Среќни сме што имавме 220 дигитализирани е-услуги, но сме и загрижени во моментов како ќе излеземе од овие е-закани под кои Албанија потпадна“, изјави Меркочи.

Конечно, Предраг Топиќ од Мостови&Креации/DX Лаб од Србија на панел дискусијата рече дека извештајот од регионалното истражување за дигиталната трансформација на земјите од Западен Балкан кој е сработен во рамките на ИЦЕДА покажува дека многу работи во регионот променила ковид пандемијата.

„Таа влијаеше многу на дигиталната агенда, профункционира и како овозможувач и како вметнувач на дигиталната агенда. Видовме многу постари граѓани кои користат е-услуги, а од друга страна видовме дека многу стратегии и документи застанаа или не продолжија, затоа што владите имаа други приоритети“, рече Топиќ.

Тој спомена дека политичка волја меѓу земјите од Западен Балкан отсекогаш имало, изготвени се стратегии и акциските планови за дигитална трансформација, но она што недостасува е имплементацијата која што доцни. Од аспект на координацијата на национално ниво, кај земјите има централна агенција кои ги води напорите или некое министерство што работи на дигиталната трансформација.

„Една од клучните поенти, најважниот предуслов е дигиталната писменост која е неопходна за да заживее дигиталната агенда. Само Северна Македонија и Србија имаа некакви мерки на следење на дигиталната писменост“, рече Топиќ и додаде дека во регионот нема единствен и стандарден начин за мерење на дигиталните вештини, во било која од петте држави на Западен Балкан.

„Ова е препорака и фокус за наредниот период“, потенцираше Предраг Топиќ.

Најважен показател, според него, се бројките за корисници на е-услугите, кои варираат од држава до држава. Албанија целосно отиде онлајн, сите јавни услуги се само онлајн достапни и преку 90 проценти од населението е регистрирано на националниот портал за е-услуги. Косово има 37 проценти, Црна Гора има 13 проценти, Северна Македонија 4 проценти, а Србија е некаде на 15-20 проценти во однос на регистрираното население на националниот портал за е-услуги.

Предраг Топиќ додаде дека целиот регион мора да внимава, доколку сака да ја подобри дигиталната агенда.

„Делот со комуникации, обичниот граѓанин и денешен ден е збунет за тоа што го зборуваме, сите сакаат да имаат поедноставен интерфејс, да завршат работа, брзо, лесно и успешно“, рече тој, додавајќи дека има мал, но стабилен напредок во изминативе три години во дигиталната агенда.

Кристина Манд од Академијата за е-Владеење од Естонија на панел дискусијата спомена осум поенти од аспект на дигиталната трансформација која ги забележала во изминативе две и пол години меѓу земјите од Западен Балкан.

Меѓу другото, таа го потенцираше разбирањето на кибер хигиената или безбедноста.

„Има јасно разбирање во државите дека дигиталното општество и услуги не можат да постојат без цврста рамка за кибер безбедност. Тоа што се случи во Албанија е добар пример, бидејќи ова е прашање на кибер безбедност“, рече Манд.

Вклученоста на граѓаните во дигиталната трансформација во последниве години е многу важна, бидејќи во земјите од Западен Балкан имало зголемување на побарувачката од граѓаните. Сепак, она што недостасува е стабилноста и политичката заложба проследена со испорака.

„Самата технологија нема да ја направи подобра државата, потребна е упорност и систематски пристап“, потенцираше Кристина Манд.

Од аспект на стекнувањето на дигитални вештини и дигитална писменост, Манд спомена дека многу е важно да има добри иницијативи и проекти кои мора да имаат континуирана поддршка. Таа додаде дека ако приватниот сектор или граѓанските организации може да направат нешто подобро, тогаш јавно-приватното партнерство е добра работа за да се имплементира нешто и треба да постои доверба за ова.

„Улогата на граѓанските организации е важна, тие имаат подобар пристап до ранливите граѓани и кога се развива одредена дигитална услуга, размислете да го имате овој вклучувачки дел, за да се овозможи граѓаните да бидат вклучени во дигиталната трансформација“, порача Кристина Манд на панел дискусијата.

Линк до оргиналната објава: „е-Општество.мк“: Каде е Балканот во Дигиталната агенда? | Meta.mk

Сподели: