Во подготовката на новиот Национален акциски план, којшто треба да овозможи поголема отвореност и одговорност на власта, со цел повеќе придобивки за граѓаните, треба активно да се вклучат сите граѓански организации, порача Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис. Таа, како координатор на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, покрај другите претставници на институциите и граѓанските организации, се обрати на денешниот настан со кој се одбележа почетокот на подготовката на новиот, шести по ред, Национален акциски план за Партнерството за отворена власт, кој ќе го опфати периодот 2024-2026 година.
Партнерството за отворена власт во земјава се реализира од 2011 година, а со новиот Акциски план треба да бидат опфатени заложби и активности за надминување на проблемите и состојбите. Денешниот настан во Владата како прв од учесниците во денешната дебата, го отвори министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
„Само со отвореност може да се креираат процеси што ќе бидат добро имплементирани, но и процеси што ќе дадат резултати. Имаме многу работа. Јас имам подготвено говор, но сметам сега дека мојот говор, во склад со ова, треба да биде отворен, затоа така и ќе зборувам. Досега иницијативата давала резултати, но не се доволно искористени можностите за да може да се креираат политики и имплементацијата да биде во склад со трендовите, за да бидеме инклузивни транспарентни и отчетни“, порача министерот Алиу.
Тој посочи дека дигитализацијата, односно дигиталната трансформација, треба да биде клучната содржина на новиот план, бидејќи со дигиталните алатки многу полесно може да се следи работењето на институциите. За да се дојде до тоа, државата има пристап до средства од ЕУ, односно од Дигитална Европа, и тие средства мора да се искористат, порача Министерот за информатичко општество и администрација.
Тој даде и конкретни примери за тоа каде се потфрлило.
„Дали сме доволно транспарентни? Јас мислам не. А можеме многу повеќе. Со дигитална трансформација може да се постигне поголема инклузивност, поголема отчетност и одговорност. Сега не можеме да кажеме дека сите сајтови на институциите се „отворени“. Да не зборуваме за судството, каде технички може да следиме кога почнува овој процес, но треба да може да ги следиме предметите постојано, па и неправосилните. За буџетот, треба да се знае не само колкав е тој, туку и колкаво е трошењето. За сето тоа ние како министерство може да помогнеме. Со дигиталната трансформација може да ги подобриме процесите“, порача Алиу.
Од 2011 година, кога почнува со државната власт, преку 2018 година, кога се вклучува и Собранието, преку Советот за отворен парламент, во 2021 година во иницијативата се вклучува и судството. За постигнатото досега во оваа област во поглед на отвореноста на парламентот и на правосудството, зборуваа Беса Адеми, Претседател на Врховниот суд и Бојан Василевски, заменик на Генералниот секретар на Собранието.
Во втората сесија на денешната дискусија, и за отворањето на овие две области, односно за законодавната и за судската власт, но и за извршната власт на централно и локално ниво и за постигнатото со досегашните акциски планови, зборуваа Гордана Гапиќ – Димитровска од МИОА Националната координаторка за Партнерство за отворена власт (ПОВ), Златко Атанасов, од Парламентарниот институт – Собрание на РСМ, Жарко Хаџи-Зафиров, Центар за правни истражувања и анализа и Данче Даниловска-Бајдевска, програмски директор на Фондација Метаморфозис, која е актуелен координатор на Мрежата на граѓански организации за ПОВ.
Фото: Галерија на слики од настанот ovp.gov.mk
Граѓанските организации се битен партнер
Зборувајќи за придобивките постигнати во последниве шест години од формирањето на Мрежата, Даниловска-Бајдевска нагласи дека нејзините 77 членки, кои работат со различни групи од населението и на различни теми, успеале учествувајќи заеднички во изготвувањето на плановите, но и во изготвувањето програми и следењето на спроведувањето на акциските планови за ПОВ, да постигнат навистина крупни позитивни промени.
„Откако се формираше Мрежата – а Метаморфозис беше еден од иницијаторите – таа придонесува во работата со граѓаните, а со тоа што сме структурно времежени, последниве 6 години со активно учество имаме придобивки што значат поотворена, поодговорна влада. Тука се отворените податоци, вклучувањето на областа Пристап до правда, на што резултат е и Центарот за пристап до правда отворен во општина Шуто Оризари, преку кој за граѓаните беа обезбедени повеќе услуги од областа на здравствената и социјалната заштита, заштита на деца, вработување и слично, со што најмалку 2.500 граѓани добиваат пристап од услуги што досега ги немале. Затоа и граѓанските организации и граѓаните треба и сега да дадат придонес“, посочи Даниловска-Бајдевска.
Како втор резултат на Мрежата, таа го посочи отворањето на податоците на Централниот регистер за граѓанските организации, односно база што им е бесплатно достапна. Можеби и поважен е порталот за Партнерството за отворена власт (www.ovp.gov.mk) кој преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни, а е развиен од Фондација Метаморфозис.
Меѓу постигањата секако е и напорот на оваа фондација во отворањето на податоците на општините, при што во соработка со Министерството за локална самоуправа, е постигнат неочекувано добар резултат.
„Како резултат на успешната соработка на Метаморфозис со Министерството за локална самоуправа и општините, 61 општина присуствуваа на обуки за отворени податоци и на последователен шестнеделен менторски процес за воспоставување интерни процедури за објавување податоци во отворен формат, а за помалку од година дена беа објавени повеќе од 300 збирки на податоци. Ние планиравме 150, а се отвориле 300“, посочи Даниловска-Бајдевска.
Се надевам дека граѓанските организации ќе се вклучат во што поголем број во изработката на планот – консултациите почнуваат од вторник – за да донесеме план што ќе одговори на потребите, порача таа.
Линк до оргиналната објава: Граѓанските организации да се вклучат во подготовката на новиот план за отворена власт | Meta.mk