Институциите во РСМ многу малку комуницираат меѓу себе преку Платформата за интероперабилност, која е предвидена за размена на податоци преку електронски системи, со цел поефикасно и побрзо давање услуги. Податоците што ги обезбеди Порталб.мк покажуваат дека генерално сите институции на Платформата имаат намалување на бројот на извршени трансакции, наместо оваа бројка да биде поголема.

Во претходната сторија, Порталб.мк преку конкретни примери покажа како некористењето на платформата за интероперабилност ги изложува граѓаните на бесмислени административни процедури, поради кои, меѓу другото, имаат и финансиски трошоци. Така, наместо институциите сами да ги пронаоѓаат податоците и документите преку електронските системи, тие ги обврзуваат граѓаните да одат од врата до врата за да извадат секакви „уверенија“ и „потврди“, кои чинат време, пари и труд.

Податоците на МИОА покажуваат дека бројот на извршени трансакции од институциите преку платформата за интероперабилност во текот на 2020 година бил над 7,2 милиони, додека во 2022 година (до 22.06) над 2,4 милиони. Според бројките, забележуваме тренд на опаѓање во користењето на платформата, а поголемото користење би ги направило услугите поефикасни за граѓаните.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) велат дека Платформата е функционална, но институциите ја користат како што сакаат, односно во овој случај, има многу мал интерес.

Кликнете на инфографикот за зголемување

„Што се однесува до Платформата за интероперабилност, таа е целосно функционална и достапна за институции и приватни компании. За жал, употребата од страна на институциите е предизвик и нивото на користење во моментов е многу ниско. Секоја институција може да се приклучи на Платформата за интероперабилност и да ја користи со полн капацитет, но може и да не ја користи воопшто“, велат од МИОА.

Најавуваат дека наскоро ќе потпишат договори со уште 20 институции за користење на оваа платформа.

Како што можеме да видиме во инфографикот (кликнете на инфографикот десно за да се зголеми), повеќето институции воопшто не ја користат платформата и покрај фактот што тоа е во интерес на граѓаните. Загрижувачки е тоа што институциите кои најмногу ја користеле оваа платформа во текот на 2020 година, во 2022 година имаат надолен тренд.

Дигитализацијата на услугите, иако е потребна, па дури и неопходна, во Северна Македонија се одолговлекува и често е попречена од бирократски прашања за закони и процедури, додека развиените земји „трчајќи“ се движат кон технолошкиот развој. Додека нашите институции се занимаваат со сертификати, печати и потписи, напредните земји градат системи кои го олеснуваат пристапот на граѓаните до услугите, притоа заштедувајќи време, труд и пари.

Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), Партнери за демократска промена Србија (Србија), НВО 35мм  (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).
Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Линк до оргиналната објава: Институциите ја користат платформата за интероперабилност „како ќе им текне“, граѓаните талкаат по шалтери [инфографик] | Meta.mk

Сподели: