Сеопфатен план за добро владеење за државните институции во Република Македонија“ е најновото издание изработено врз основа на истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од АКТИОН СЕЕ, следејќи ги меѓународните стандарди, препораки, како и примери на добри практики, ги оценуваа институциите според посебни квантитативни и квалитативни показатели, коишто ги оценуваат институциите врз основа на: пристап до информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, како и прашалници доделени на институциите.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека просечната отвореност на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и другите извршни органи, во регионот изнесува 47 отсто, додека во Македонија нивото на отвореност изнесува 36 отсто од индикаторите. Македонското Собрание, пак, исполнува 59 проценти од индикаторите на отвореност, што е под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

Судовите во Република Македонија исполнуваат 52 проценти од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58 отсто од индикаторите на отвореност. Во поглед на обвинителствата, Јавното обвинителство исполнува 51 процент од индикаторите на отвореност, Советот на јавните обвинители исполнува само 38 отсто, а недоволно исполнување на индикаторите од 26 отсто е од страната на основните и вишите јавни обвинителства.

Општините во Република Македонија исполнуваат 34 проценти од индексот на отвореност, исто како и регионалниот резултат на отвореност на локалната самоуправа.

Оценувањето беше спроведено од октомври, до крајот на декември, 2016 година. Врз основа на следењето на податоците и наодите, се создаде сет на препораки и насоки, според резултатите од истражувањето, кои беа наменети за институциите.

Отвореноста претставува клучен услов за демократија, зашто им дозволува на граѓаните да добиваат информации и знаење, неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, ефективно донесување одлуки и барање одговорност од институциите за политиките што ги спроведуваат. Во светот, институциите преземаат одредени активности со цел да ја зајакнат транспарентноста и одговорноста кон граѓаните.

Оваа публикација содржи практични предлози за подобрување на степенот на отвореност на државните институции во Македонија. Воедно, вакви насоки се изработени и од партнерските организации во Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина наменети за институциите во овие земји.

* Индексот на Отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на владите од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

Проектот ACTION SEE Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа е спроведуван од Фондација Метаморфозис во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово, и Levizja Mjaft! од Албанија, со финансиска поддршка на Европската Унија.

Целта на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

Сподели: