Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „ЕВРОТИНК“ – Центар за европски стратегии го објавија прирачникот за неформално образование со наслов „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации“.

Тој претставува алатка за неформално образование во областите на медиумската писменост и критичкото мислење и се појавува во период кога е крајно неопходен за да послужи како средство за медиумска едукација и алатка за борба против напливот на дезинформации и манипулации во јавниот дискурс.

Првичната идеја за неговата изработка е тој да се користи како дидактичко средство при спроведување обуки/работилници на учесници кои спроведуваат мали проекти од овие области, но и како појдовна литература и практичен водич во образовниот процес во формалното и неформалното образование за ученици, студенти, претставници на граѓанското општество, медиумски работници и за сите оние за кои едукацијата во областите на медиумската писменост и развивање на критичкото мислење претставува дел од нивната професионална работа.

Сепак, тој има и многу поширока примена со оглед на фактот што содржи примери од современата медиумска пракса, односно актуелни примери на новинарски производи како подлошка при развивањето на вештините на критичко мислење и е погоден за самостојно учење. Ова значи дека прирачникот може да им послужи на сите заинтересирани граѓани за лична едукација и да им помогне во разоткривањето и разобличувањето на различните видови дезинформации и манипулации во медиумите и на социјалните мрежи.

Мултидисциплинарен тим составен од претставници на невладиниот сектор, медиумската и академската сцена работеше во период од две години на неговата изработка и тој е издаден во рамките на поширокиот проект ,,Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк”, кој двете организации го спроведуваат со финансиска поддршка на Европската унија. За изработката на прирачникот финансиски средства беа обезбедени и од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада од Скопје.

Оваа корисна алатка е наменета за слободно користење за сите заинтересирани и може да се преземе и прочита на следниот линк.

Сподели: