Претставници на Фондација Метаморфозис учествуваат на Самитот за слобода на интернет организиран од страна на Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (ABA ROLI) што се одржува во Струга, во периодот од 24-ти до 28-ми јуни 2024 година.

Во рамки на Самитот се организираат 15 дискусии во форма на панел дискусии, работилници, и презентации кои обезбедуваат простор за дискусија и информирање за тековните процеси и предизвици поврзани со дигитални услуги, заштита на дигитален интегритет на жени, дигитални права, етички стандарди за регулирање на вештачката интелигенција, влијанието на новите технологии врз човековите права на интернет, дигитална еднаквост, заштита на лични податоци и приватност, слобода на изразување на интернет, итн. На настанот учествуваат 40-тина претставници на граѓанското општество, јавни институции, медиуми, активисти за човекови права, академска заедница, експерти за дигитални права, и т.н од Северна Македонија, Србија, Молдавија и Романија.

Јавниот дел од Самитот беше отворен со панел дискусија за спроведувањето на Законот за дигитални услуги (Digital Service Act) на Европската Унија и неговото влијание на Југоисточниот регион. Законот за дигитални услуги го поддржува принципот дека дејствата кои се сметаат за нелегални во живо треба да бидат подеднакво забранети и на интернет, со што се поставуваат значителни обврски на онлајн платформите и механизмите за заштита на основните права на корисниците. Сепак, ефективното спроведување на овој закон бара значителни напори од земјите на ЕУ, особено во воспоставувањето робусни механизми и особено преку назначување на координатор за дигитални услуги. Преку оваа панел дискусија, говорниците претставија различни пристапи за имплементација на овој закон, со увид од искуствата на Романија, иновативниот модел на повеќе чинители на Германија и перспективите на балканските земји додека се подготвуваат за усогласување со овој закон како Северна Македонија и Србија.

Говорници на панел дискусијата беа Богдан Манолеа од Асоцијацијата за технологија и интернет (Романија), Емили Рајт од Партнери за демократски промени (Србија) и Мила Јосифовска Даниловска од Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), заедно со модераторката Милица Тошиќ од од Партнери за демократски промени (Србија).

На прашањето како треба да изгледа системот кој ќе поддржува решавање на прашања поврзани со Законот за дигитални услуги, Јосифовска Даниловска порача дека е потребен мултисекторски пристап за креирање на екосистем со повеќе чинители кој покрај државни институции, ќе ги вклучува и граѓанското општество, академските институции и приватниот сектор. “Граѓанското општество, академските институции и приватниот сектор придонесуваат со специјализирано знаење за управување со податоци, приватност, транспарентност, регулурање на медиумите и технологија. Нивното вклучување е од клучно значење за иновативни решенија на предизвиците поврзани со Законот за дигитални услуги, промовирање одговорно споделување податоци, заштита на индивидуалните права и поттикнување на дигитални иновации.“

Сподели: