Извор: Приватна архива
На покана на Техничката помош за граѓанските организации (ЕУ ТАКСО 3) во Западен Балкан и Турција, на 31 октомври и 1 ноември, Метаморфозис беше дел од панелистите на настанот “од луѓе за луѓе” наменет за ефектите од дигиталната транзиција врз граѓанските организации.
Главната идеја на настанот беше преку размена на знаење, вмрежување на меѓународно и регионално ниво, и експертски панел дискусии и интерактивни сесии, да ги поттикне граѓанските организации во регионот на Западен Балкан и Турција да напредуваат во дигиталната ера и да поттикнат позитивни општествени промени.
Извор: Приватна архива
Претставничката на Метаморфозис, Мила Јосифовска Даниловска, координаторка на програмите за општествена одговорност и човекови права онлајн, заедно со Снежана Ничевиќ од 35мм (Црна Гора) и Армин Шестиќ од Здружение за социјален, културен и креативен развој Зора (Босна и Херцеговина), беа дел од последната панел дискусија на која ги споделуваа праксите од нивните организации за омоќување на граѓанскиот сектор со дигитални вештини и алатки.
Помеѓу успешните иницјативи на Метаморфозис во пружање поддршка на ГО но и други чинители во изградба на нивните дигитални капацитети и отпоорност, како и омоќување преку софтверски донации, Јосифовска Даниловска ги потенцираше иницијативите TechSoup програма за софтверски донации во Северна Македонија, Албанија, и Косово, програмата за дигитален активизам која Метаморфозис ја спроведува со TechSoup Global и Google, проект и обуки за дигитална безбедност, Дигитална прва помош, Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење на инклузивен дигитален екосистем, и други.
Извор: Приватна архива
Излагањата поттикнаа коментари и прашања од страна на присутните учесници, дел од кои беа насочени кон тоа како да се остане во чекор со променливиот дигитален пејзаж, и што би требало организациите да направат во насока на користење на дигитални алатки и развивање на нивните дигитални вештини.
Воглавно говорниците се согласија дека за да се остане во тек со постојаните технолошки новитети мора да се работи на агилност во нашето учење, работење, и живеење, како и да се направи добра поделба на труд и портфолија во тимот но и приоретизација на процеси и трендови кои на организацијата и нејзините конституени им се од корист.
Извор: Приватна архива
Дополнително, Јосифовска Даниловска ги посоветува организациите за тоа како да бидат поефикасни во градење на нивните дигитални капацитети, односно:
- правење редовна проценка на внатрешните дигитални капацитети, вклучувајќи ги силните и слабите страни;
- истражување на можности за градење капацитети, со акцент на оние кои ги нуди граѓанскиот сектор а се без финансиски надомест;
- воспоставување на соработка со експерти, факултети, граѓански организации и бизниси, особено повикувајќи се на корпоративната општествена одговорност на бизнис секторот;
- користење на софтвери со отворен код со цел да се намалат непотребни трошоци;
- паметно и етичко употребување на социјалните медиуми за подобар пристап до јавноста и целните групи со кои работат.
“Градењето дигитални компетенции е тековен процес, затоа погрижете се континуирано да истражувате и да се прилагодувате на новите технологии и променливиот дигитален пејзаж.” – додаде таа.
Сподели: